
Младата надеж на Реал Мадрид, 19-годишниот Бразилец Ендрик, до крајот на оваа сезона ќе премине на позајмица во Лион, објави францускиот клуб на своите социјални мрежи. Овој некогашен фудбалски “вундеркинд” не успеа да се истакне во соблекувалната на “Кралскиот клуб”, па одлучи да ја пронајде својата шанса во Франција.
Причината за заминување е јасна – да добие поголема минутажа, бидејќи младиот Бразилец сè уште се надева дека ќе биде дел од репрезентацијата на Светското првенство 2026 година. Промена на средината и приклучување кон “лавовите” можеби ќе му овозможи остварување на таа цел.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Неодамна и самиот бразилски селектор, Италијанецот Карло Анчелоти, изјави дека промена на клубот е неопходна. Тој имал разговор со младиот напаѓач и му порача дека “е важно да игра”.
“Ендрик е многу млад и ова нема да биде неговото последно Светско првенство. Може да игра на првенството во 2026 година, бидејќи ги има потребните квалитети, а исто така и во 2030, 2034 или дури 2038. Важно е повторно да игра и да ја покаже својата умешност,” истакна неодамна бразилскиот селектор.
Ендрик пристигна во Реал во јули 2024 година од Палмеирас за приближно 60 милиони евра. Во дресот на мадридскиот клуб одигра вкупно 40 натпревари и постигна седум голови, но оваа сезона се наоѓа во значително поинаква ситуација – младиот напаѓач има одиграно само единаесет минути во Ла Лига.
Според француските медиуми, Лион за времетраењето на позајмицата ќе покрива половина од неговата месечна плата, која изнесува 400.000 евра.