
Се пишува долго време дека ова лето Душан Влаховиќ ќе ги напушти редовите на Јувентус. Неговиот договор истекува во 2026 година и досега нема никакви навестувања за продолжење, иако не недостигаат понуди. Сега пристигнува една понуда од Шпанија, која е по малку и изненадувачка..
Претходно, 25-годишниот Душан Влаховиќ се поврзуваше со неколку клубови како Арсенал, Челси, па дури и Барселона. Во последниве неколку недели се појавија информации дека би можел да отиде во Њукасл.
Но, најновите вести кои ги пренесуваат европските медиуми покажуваат нов интерес од Шпанија за српскиот репрезентативец.
Напаѓачот на Јувентус е на радарот на Атлетико Мадрид, според најновите извештаи на Gazzetta dello Sport.
Извонредниот напаѓач е водечки стрелец на Јувентус оваа сезона, но неговиот договор истекува во 2026 година и засега нема интерес за потпишување нов.
Платата на Влаховиќ автоматски се зголеми на 12 милиони евра по сезона, а клубот сака да ја распредели платата на подолг период на договорот, но изгледа дека српскиот репрезентативец не е заинтересиран за оваа опција.
Затоа ќе мораат Бјанконерите да го продадат 25-годишникот ова лето за да избегнат да го загубат без надомест на крајот од сезоната 2025-26.
Како што рековме, Влаховиќ претходно се поврзуваше со Арсенал, Челси, па дури и Барселона, но неговите послаби настапи во втората половина од сезоната го оладија интересот на клубовите кои го следеа.
Душан Влаховиќ оваа сезона постигна 14 голови во 39 натпревари во сите натпреварувања, но само два гола во Серија А во 2025 година.
Финансискиот директор на Јувентус, Кристијано Џунтоли, неодамна зборуваше за иднината на Влаховиќ, најавувајќи разговори со агентот на играчот.
„Имаме многу добар однос со играчот и неговиот агент“, рече директорот на Јувентус.
„На крајот од сезоната ќе седнеме да разговараме и оцениме дали да продолжиме заедно или да тргнеме на различни патишта“, додаде тој.
Да потсетиме, Влаховиќ пристигна во Јувентус во јануари 2022 година за 83 и пол милиони евра.
Кариерата ја започна во Партизан, кој го продаде во Фиорентина во 2018 година за нешто повеќе од три милиони евра.
Фото: Juventus FC/FB