
МЕНАЏЕРОТ на Челси, Лиам Розениор, извести дека тимот го зафати вирус кој се проширил меѓу играчите и преставниците на персоналот. Поради заболувањето, Лиам Делап и Џејми Гитенс го пропуштија полуфиналето на Карабао купот против Арсенал и им е наредено да останат дома. Двајцата нема да играат ниту на саботниот натпревар против Брентфорд, а за заболени се пријавени и неколку членови на персоналот.
На прес-конференцијата, Розениор даде актуелни информации за ситуацијата. “Не, тој сè уште е дома, се опоравува. Истото важи и за Џејми Гитенс. Нашите клупски лекари вложуваат максимални напори да го контролираат она што изгледа како вирус, оти и дел од персоналот заболел”, истакна тој, додавајќи: “Денес имавме состанок со играчите за миење на рацете, за основните работи кои се навистина важни и се надеваме дека ќе го спречиме. Во тежок период сме, па ни требаат сите подготвени, во форма и здрави.”
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Розениор во сабота го очекува својот прв натпревар во Премиер лига како предводник на Челси, против Брентфорд. Челси има лош рекорд против гостинскиот тим од саботата, со само една победа во последните осум првенствени средби. Резултатите на домашен терен исто така беа загрижувачки оваа сезона, што новиот менаџер настојува да го промени.
“Мислам дека минатото е минато, тоа им го кажав на играчите. Можам да влијаам само на сегашноста. Ако влијаам на сегашноста, влијаам и на иднината. Сакам да играме со висок интензитет за противникот да знае дека е тешко да се игра на Стемфорд Бриџ”, објасни тој.
Брентфорд доаѓа на Стемфорд Бриџ со два бода и три позиции повеќе на табелата во Премиер лигата. Тимот на Кит Ендру е во серија од шест натпревари без пораз, а првиот натпревар оваа сезона меѓу овие две екипи заврши нерешено 2:2.