
Овој натпревар што се играше во Италија, можеби ќе биде последен во традиционалниот формат на ова натпреварување на кој сме навикнати.
Имено, УЕФА размислува за трансформација на традиционалниот Суперкуп во турнир со четири екипи, кој би можел да се одржува и надвор од Европа почнувајќи од следната сезона.
ВАР во македонскиот фудбал – Разговор со Дејан Јакимовски | Уште еден поткаст
Овој натпревар вообичаено се игра помеѓу победниците на Лигата на шампионите и Лигата на Европа, но се размислува за двојно проширување на форматот.
Предвидено е да се вклучат и првите места од другите европски натпреварувања (Конференциската лига, а останува непознато како ќе се избере четвртата екипа), при што натпреварите се планира да се одржат во странство. САД и Блискиот Исток се приоритетни заради зголеменото глобално внимание и зголемување на профитот од ТВ правата.
Овојпат, натпреварот помеѓу Пари Сен Жермен и Тотенхем се одржа на стадионот “Фриули” во Удине, со капацитет од 25.000 седишта.
Стадионот во Удине беше единствениот кандидат, што може да посочи на недостигот од интерес кај европските градови за организација на Суперкупот.
Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, веќе изјави дека одржувањето на значајни европски клупски натпревари во САД “е можно”, додека шпанскиот Суперкуп во формат со четири клуба се одржува во Саудиска Арабија уште од 2020 година. И Италијанците играат нивниот Суперкуп во Саудиска Арабија.
УЕФА Суперкупот за првпат се одигра во 1973 година помеѓу Ајакс и Милан, при што холандскиот тим славеше вкупно со 6:1. До 1998, финалето се играше во два натпревари, пред да биде воведен форматот со еден натпревар на неутрален терен.