
Реал Мадрид во недела со почеток во 21 часот ќе се соочи со Алавес во рамките на 16-то коло од Ла Лига. Тренерот на мадридските галактикоси, Чаби Алонсо, ден пред гостувањето одржа прес-конференција. Овој дуел против 11-тиот тим на шпанското првенство би можел да биде клучен за иднината на 44-годишниот тренер, бидејќи во последните осум натпревари во сите натпреварувања екипата има освоено само две победи, што ја прави неговата позиција несигурна.
Поради тие околности, сè посилно се зборува за неговата иднина и можните негови наследници, а името на тренерот на резервниот тим, Алваро Арбелоа, се споменува како потенцијален кандидат за преземање на екипата. Потенцијалната промена на тренерското место беше една од главните теми на пресот, каде што Алонсо беше изложен на бројни прашања околу неговиот статус во Реал.
Како екраните влијаат на детскиот развој? Разговор со дефектолог
Кон крајот на конференцијата, еден од новинарите го праша дали разговарал со Арбелоа за ситуацијата и за шпекулациите дека Арбелоа е можен избор за тренер на првиот тим. Според шпанскиот медиум Carrusel Deportivo, Алонсо по конференцијата бил “многу изнервиран” и “вознемирен”, посебно поради прашањата за неговата иднина и Арбелоа.
“Мислам дека Арбелоа би можел да биде тренер на Реал. Тој работи одлични нешта, но не сме разговарале за тоа”, изјави Алонсо. Според информациите на наведениот медиум, Алонсо ги смета овие прашања за досадни и нервирачки, а неизвесноста околу неговата иднина предизвикува дополнителен притисок.
Арбелоа, во меѓувреме, успеа да се докаже во клубот, прво преку работата со младинскиот тим, а сега и со резервниот состав. Поранешниот шпански дефанзивец одигра важна улога во развојот на дел од младите таленти кои произлегуваат од клупската школа, што го прави сериозен кандидат ако Реал одлучи да ја прекине соработката со Алонсо.