
Лајпциг одлучи да излезе во пресрет на својот фудбалер, и сега двете страни работат на договорено раскинување на соработката.
Кевин Кампл, некогашен репрезентативец на Словенија и долгогодишен играч на средината на теренот на РБ Лајпциг, повеќе време е далеку од терените, а сега се појавуваат сè посериозни и емотивни шпекулации околу неговото име.
Воздухот што нè убива: Зошто Скопје е меѓу најзагадените градови?
Според шпекулациите на германските медиуми, искусниот фудбалер поради семејна трагедија сериозно размислува за прекин на професионалната кариера.
Кампл последен пат се појави на теренот на 8 октомври, кога настапи во пријателски натпревар против Дуќла од Прага. Што се однесува до официјалните натпревари, неговите последни појавувања датираат од септември, кога во три кола од Бундеслигата собра само неколку минути, влегувајќи од клупата при финиширање на натпреварите.
После тоа, Кампл не беше ниту меѓу резервите, а од клубот првично неговото отсуство го објаснија со лични причини. РБ Лајпциг реши да го поддржи својот играч и не вршеше притисок, знаејќи дека станува збор за чувствителна ситуација надвор од фудбалот.
Меѓутоа, како што пренесуваат германските медиуми, Кампл во меѓувреме се соочи со низа здравствени проблеми, но и со исклучително тежок семеен губиток – смртта на неговиот брат.
Познато е дека Кампл по семејната трагедија тренираше по индивидуална програма, далеку од очите на јавноста и без притисок за враќање на теренот. Неговата ментална и емотивна состојба беше ставена пред спортските амбиции, што во вакви околности и е единствена правилна одлука.
Од РБ Лајпциг, исто така, се огласија, порачајќи дека никаква конечна одлука сè уште не е донесена. Клубот нагласи дека во овој момент фокусот е исклучиво на приватниот живот на Кампл и благосостојбата на неговото семејство, додека фудбалот е во втор план.