Утре со првото коло започнува второто издание на снукер турнирот Riyadh Season Championship, турнир во Саудиска Арабија кој делумно измени правилата на древната британска игра која го освои светот.
Последниот турнир во светот на снукерот за 2024 година се игра во Саудиска Арабија. Тоа е нерангиран турнир на кој не се освојуваат официјални поени затоа што организаторите на турнирот им врачија покани на најдобрите светски играчи по нивна желба.
Патот на Македонија до СП 2026!? Никогаш не било полесно! ↓↓↓
Поканите ги добија 10-те најдобри играчи во светот и сите срдечно одговорија и позитивно реагираа на поканата, а тоа не е никакво чудо кога ги земаме предвид неверојатните награди кои ги подготвија Саудијците.
Првото издание на Riyadh Season Championship се одржа во март оваа година, и тогаш британската јавност протестираше поради дополнителното правило кое го воведоа Саудијците. Имено, на снукер масата беше поставена и “златна топка”, која нема во нормалната снукер игра.
Играчите овојпат ќе се борат да станат првите кои постигнале брек од 167 поени. Традиционално, максималниот брек во снукерот изнесува 147 поени, но Саудијците на масата додадоа и златна топка чија вредност е 20 поени, па така максималниот брек на турнирот во Саудиска Арабија е 167 поени.
Во март, ниту еден играч не успеа да го постигне овој подвиг, па Саудијците сега отидоа чекор понатаму. Вредноста на брекот од 167 поени изнесува неверојатни милион долари, без играчот да мора да го освои натпреварувањето.
Победникот на натпреварувањето ќе освои 300.000 евра, а поразениот во финалето двојно помалку, додека за сите други учесници се подготвени големи награди. Меѓутоа, играчите се привлечени од тоа што дополнителната награда за вметнување на златната топка вреди милион долари, независно од наградниот фонд.
Како играчите можат да постигнат брек од 167 поени
Златната топка ќе биде достапна на масата и ќе вреди 20 поени, но може да се вметне само ако играчот направи максимален брек од 147 поени. Така, по вметнување на црната топка, играчот би морал да премине на другата стана на масата и да ја вметне златната топка која вреди 20 поени.
Секој фрејм (партија снукер) започнува со златната топка на масата и таа останува таму додека максималниот брек е во игра. Ако максимумот повеќе не е можен, судијата ја отстранува златната топка од масата до следниот фрејм (партија).
Ако играчот направи брек од 147 поени, тогаш ќе има можност да ја вметне златната топка и да добие дополнителни 20 поени. Така би станал првиот играч во историјата кој направил брек од 167 поени и би освоил милион долари.
Турнирот започнува утре во салата на Boulevard City во Ријад, а ќе се игра до петок.
Учествуваат сите најдобри играчи во светот меѓу кои се Џад Трамп, Рони О’Саливан, Марк Селби, Марк Ален, Марк Вилијамс, Џон Хигинс…