
Голгетерот на Ливерпул, Мохамед Салах, го заштити решението на Трент Александер-Арнолд да го напушти неговиот роден клуб, додека во исто време изрази разочарување од односот на дел од навивачите кои го исвиркаа десниот бек за време на натпреварот дома против Арсенал.
Според Египќанецот, Трент заслужува достојно проштевање, бидејќи досега секогаш го давал најдоброто од себе за клубот, градот и приврзаниците. Освен тоа, тој ги повика луѓето да се обидат да разберат дека многу е тешко за еден фудбалер да биде дел од само еден клуб 20 години.
“Мислам дека навивачите беа некогаш груби кон него. Не мислам дека го заслужи тоа. Заслужуваше навивачите да се однесуваат со него на најдобриот можен начин, бидејќи тој им го даде своето сè. Бев изненаден, бидејќи тоа не е начинот на кој ние, навивачите на Ливерпул, се однесуваме.
Замислете некој кој го дава своето сè за вас 20 години. Не треба да биде така. Се надевам дека ова ќе се промени во следниот натпревар – против Брајтон, или во последниот натпревар од сезоната, бидејќи тој заслужува достојно збогување.
Вчера му реков да не гледа во моите очи кога ќе се простуваме. Навистина го сакам. Мислам дека заслужува најдобро збогување со клубот. Тој направи многу за градот и клубот и е еден од можеби најдобрите играчи во историјата на Ливерпул. Тој го даде своето сè. Мислам дека му беше потребен нов предизвик. Ми зборуваше за тоа. Решението е негово, се разбира. Тој има 25 – 26 години и освои сè два или три пати. Што повеќе може да направи? Тој едноставно има потреба од промена, да се предизвика себеси на друго место. Многу е тешко психички за некој да биде 20 години во еден клуб. Да, го сакаш местото, но ако одиш секој ден на исто место 20 години, може да се депресираш психички.
Навистина му посакувам сè најдобро. Секогаш ќе останам во контакт со него.
Решението е негово и јас не се обидував да го убедувам да остане, бидејќи знам дека да поминеш 20 години во еден клуб е тешко. Луѓето мислат дека е лесно да донесеш одлука и да останеш. Не е”, изјави Салах