
Напаѓачот Мохамед Салах може да стане новото лице на саудиската фудбалска лига ако го прифати предлогот за тројно зголемување на платата летово, објавува “Ливерпул Ехо”. Египетскиот фудбалер добива нешто над 400 илјади фунти неделно кај “црвените”, за кои игра девет години.
Кристијано Роналдо е суперѕвездата на Саудиска Арабија веќе три години, откако на 1 јануари 2023 стана дел од Ал-Наср. Португалецот меѓутоа, е незадоволен од трансферната политика во локалната лига по преминот на Карим Бензема во конкурентот за титулата Ал-Хилал и не играше за својот тим во последните два натпревари.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Според различни информации, Роналдо, кој има 41 година, бара трансфер во Европа во потрага по големата цел – 1 000 голови во професионалниот фудбал.
Доколку Роналдо замине, фудбалските раководители во саудиското првенство ќе го направат Салах лицето на шампионатот и ќе се обидат да го привлечат со тројно зголемување на платата. Тие се обидоа да го направат тоа и минатата година, но тој претпочита да го обнови договорот со Ливерпул. Неговите односи со клубското раководство и менаџерот Арне Слот, сепак, се влошени и Салах речиси сигурно ќе замине летово, една година пред истекот на договорот со “црвените”.
Медиумите во Англија очекуваат Салах да премине во Саудиска Арабија пред почетокот на светското првенство во САД, Канада и Мексико. Тој играше во последните четири натпревари на Ливерпул, откако се врати од Африканскиот куп на нации, каде што Египет загуби во полуфиналето од Сенегал. Веројатно напаѓачот ќе биде во стартната постава и денес против Манчестер Сити.
Откако Ливерпул го привлече од Рома во 2017, Салах постигна 251 гол и два пати ја освои Премиер лигата, како и еднаш Лигата на шампионите.