
Додека вниманието е насочено кон конфликтот помеѓу Ла Лига и Здружението на шпанските фудбалери (AFE), „Планот Мајами“ се соочува со нов проблем.
Владата веќе два месеца разгледува жалба од Реал Мадрид, со цел да се спречи проектот за одржување на натпреварот од првенството помеѓу Виљареал и Барселона во САД. Веќе беше објавено дека средбата од 17-то коло ќе се одржи во Мајами на 20 декември.
Ќе го решиме проблемот со отпадот ако го гледаме како ресурс, а не како ѓубре! | Уште еден поткаст
Високиот спортски совет (CSD) побара информации од Шпанската фудбалска федерација (RFEF), за да утврди дали постои прекршување на нормативните уредби. Од своја страна, федерацијата побара да добие повеќе документи околу самата жалба. Додека случајот се задржува поради бирократски пречки, Реал Мадрид достави втор документ до CSD со истите аргументи, инсистирајќи натпреварот да не се игра надвор од Шпанија.
Со аргументација, идентична на таа во првата жалба, „белиот“ клуб повторно се обрати до CSD, кој е спортскиот орган на владата. Клубот инсистира на брза одлука и јасна позиција за „Планот Мајами“ на претседателот на Ла Лига Хавиер Тебас. Се очекува CSD да одговори наскоро, но претходно треба да се извршат неколку процедурни чекори кои се одолговлекуваат.
На 6 октомври, уште пред да го добие вториот документ од клубот на Флорентино Перес, CSD испрати официјално писмо до федерацијата. Во него се бараше извештај дали одржувањето на натпреварот надвор од Шпанија претставува прекршување на правилниците на институцијата. Оваа детална информација сè уште не пристигнала во канцелариите на CSD, а само писмо од RFEF со барање за повеќе податоци за жалбата, пишува „Ас“.
Високиот спортски совет треба да определи дали има овластување да дозволи или да стави вето на натпреварот надвор од Шпанија. Првично се сметаше дека не е неопходно нивното одобрување, но жалбата на Реал Мадрид го принуди CSD да го истражи случајот и да ја провери својата надлежност – нешто што Ла Лига го отфрла. Владата бара во нормативните уредби на федерацијата евентуални прекршувања поврзани со „Планот Мајами“.
Ќе има официјална изјава од CSD за жалбите на Реал Мадрид, но само откако истрагата ќе утврди дали постојат правни пречки за одржување на натпревар од првенството надвор од земјата.