
Тимот од Ајндховен успеа да ја заокружи сезоната со одбрана на титулата првак на Холандија.
Пред еден месец, по триумфот на Ајакс против Вилем со 2:1 во гости, изгледаше како „копјаните“ сигурно чекорат кон освојување на титулата. Сепак, во остатокот од сезоната, тие ја растурија својата предност и го загрозија сето она што го постигнаа до тој момент.
Потоа следеа четири разочарувачки натпревари за нив, почнувајќи со дебаклот против Утрехт (4:0), па до шокантното реми со Гронинген минатата недела, кога Ајакс прими гол во деветтата минута од продолжението и покрај тоа што имаа играч повеќе, за конечни 2:2.
ПСВ ги искористи овие пропусти и со серија од победи успеа од девет бодови негатива да се издигне до првото место минатиот викенд и да ја потврди таа позиција денес.
Во последното коло, ПСВ гостуваше кај Спарта во Ротердам и извојува победа од 3:1, додека Ајакс го победи Твенте со 2:0 пред своите навивачи.
По ваквиот развој на настаните, ПСВ задржа предност од еден бод и ја освои својата 26-та титула во историјата на клубот како првак на Холандија.