Во Загреб денес беше претставен Договорот за отстранување на постојниот и изградба на новиот Градски Стадион „Максимир“, проект чија реализација се најавува веќе повеќе од три децении, со моментално проценета вредност од 175 милиони евра.
Го претставија премиерот Андреј Пленковиќ и градоначалникот Томислав Томашевиќ, а како што беше истакнато, станува збор за објект од национален интерес чија изградба подеднакво ќе ја финансираат Владата и Градот, пренесува ТАНЈУГ.
Disc Golf challenge: Дали некој ќе погоди од прва!? ↓↓↓
Работите ќе започнат кога ќе биде изграден новиот стадион на улица Крањчевиќева, за што рокот е крајот на 2026 година, а новиот стадион „Максимир“ треба да биде завршен до почетокот на 2029 година.
„Денес се наоѓаме на место каде многумина од нас славеа успеси на Динамо. Од освојувањето на Купот на саемските градови, преку 1982 година и мојата генерација и освојувањето на титулата како и понатамошните успеси на Аријан Адеми и неговата генерација. Овде и хрватската репрезентација одигра многу важни натпревари и оствари големи победи. Темелот на успесите на репрезентацијата беа играчите на Динамо кои тренираа овде, и затоа ми е драго што овде ќе претставиме рушење на постојниот и изградба на новиот стадион. Тој стадион го должиме на нашите идни генерации. Драго ми е што преку дијалог се најде заеднички модел кој ќе овозможи не само изградба на стадионот туку и модерен камп околу него“, рече претседателот на Динамо Велимир Заец, пренесе ХРТ.
Градоначалникот Томашевиќ оцени дека ова е историски чекор, а зборуваме за проблем што постои можеби повеќе од 40 години.
„Долго време го чекавме овој момент. Имавме низа состаноци и благодарам на Владата за конструктивната соработка. Пред точно една година потпишавме договор со кој го решивме имотно-правниот спор со Загрепската надбискупија. Стадионот ќе има капацитет од 35.000 седишта“, рече Томашевиќ.
Градот, додаде тој, наскоро ќе ги започне работите на улица Крањчевиќева и тој ќе биде привремен дом на Динамо.
„Анализиравме 50 стадиони во Европа, трошокот ќе биде 5000 евра по седиште. Инвестицијата ќе чини 175 милиони евра. Ова е моменталната проценка. Совласници сме ние и Владата, половина на половина“, рече Томашевиќ.
Премиерот Пленковиќ изјави дека сите кои живееле за фудбал, кога овој стадион ќе биде изграден, ќе доживеат неверојатно задоволство.
„Ова беше премногу долго очекуван проект, проект зад кој цврсто застанавме и Владата и Градот Загреб, и тоа во партнерство, бидејќи тој е навистина од национално значење“, изјави Пленковиќ.