
Фудбалската асоцијација (ФА) објави дека нема да поднесе жалба на одлуката на независната комисија која ги одби обвинувањата за местење натпревари против бразилскиот фудбалер Лукaс Пакетa.
По истрагата која почна во август 2023, ФА во мај 2025 го обвини играчот на Вест Хем дека намерно добивал жолти картони за да влијае на пазарот на обложувања. Предмет на истрага беа натпреварите против Лестер Сити (ноември 2022), Астон Вила (март 2023), Лидс Јунајтед (мај 2023) и Борнмут (август 2023).
Дејан Јакимовски: Ни ФИФА не веруваше дека ќе стигнеме на време со ВАР системот | Уште еден поткаст
Комисијата ги отфрли сите четири обвинувања, потенцирајќи дека немаат цврсти и убедливи докази. Во објаснувањето на дури 314 страници, се наведува дека Пакетa во сите ситуации реагирал согласно случувањата на теренот.
Без докази за обложување
Во текот на истрагата беше анализиран и телефонот на бразилскиот играч. Не е пронајден ниту еден доказ кој би укажувал на обложување или комуникација поврзана со спорните натпревари. Дури и повеќе од 300 пораки кои беа избришани и подоцна вратени од страна на експерти не содржеа ништо поврзано со обложување.
Остануваат обвинувања за несоработка
Сепак, комисијата потврди две точки од обвинението – поради одбивање на соработка во истрагата. Тие се однесуваат на кршење на правилата 13 и F2 на ФА, кои се однесуваат на доставување информации и документација.
„Регулаторната комисија ќе одлучи за соодветната казна во најкраток можен рок“, се наведува во одлуката.
ФА ја прифати одлуката
Во официјалното соопштение ФА истакна дека одржувањето интегритет на фудбалот е приоритет, но го почитува решението на комисијата и нема да поднесе жалба.
Лукаc Пакетa e ослободен од обвинувањата за местење натпревари, но сеуште му се заканува дисциплинска мерка поради несоработка во истрагата. Резултатот од можната казна ќе биде познат во наредните денови, додека Вест Хем и бразилскиот фудбалер можат да здивнат зашто најтешките обвинувања не беа потврдени.