Скопскиот Основен кривичен суд во случајот кој го водеше за смртта на ракометарот Денис Тот ги прогласи тројцата обвинети виновни за у6иство на Тот кое се случи на 7 април годинава пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје.
Со првостепената пресуда обвинетите добија затворски казни од:
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Анџело Ѓоргиевски (28) – 18 години затвор
Клементина Левковска (19) – 18 години затвор
Андреј Костовски (19) – 16 години затвор
Пресудата ја изрече судечки совет на чело со судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ и таа не е правосилна бидејќи странките имаат право на жалба до повисокиот Апелациски суд Скопје.
Анџело и Клементина рече судијката имале поголем придонес во извршувањето на дело. За Анџело наведе дека и прв ги задал удрите кон Тот, а Клементина, која најмногу го удира, судијката ја опиша како “крајно упорната”.
Покрај затворската казна судот определи и надомест за штета за семејството на убиениот ракометар и тоа по 9 милиони денари за мајката и таткото, и 8 милиони денари за братот на Денис Тот.
Судскиот процес траеше помалку од три месеци. Започна на 5 септември со воведни зборови на обвинителството и на одбраната.
Обвинителката од ОЈО Скопје, Тања Трајчевска, тогаш го опиша кобниот настан при што посочија расправијата на тројцата обвинети со ракометарот започнала во такси-возило, а потоа продолжила и надвор од него. Преминала во физичка пресметка во која Тот се здобил со повеќе удари, прво тупаници од кои паднал на асфалтот. Додека лежел, пак, според обвинителството, добил повеќе удари и со нога и со рака по главата и телото. Од тешките повреди Тот паднал во коматозна состојба, кај него било констатирано и нагмечување на мозокот, дошло до прекин на активноста на мозочните неврони, а сето тоа наредниот ден (8 април) резултирало со смрт.
Тројцата обвинети уште на стартот на судскиот процес, пак, рекоа дека никој од нив не сакал да се случи тоа. Нивните адвокати во воведните зборови настапија со теза дека овој кривично-правен настан не може да се квалификува како у6иство бидејќи не постоела умисла.
Во судница се сослушаа повеќе сведоци, а меѓу првите се појави и таткото на Денис, Игор Тот, кој порача дека очекуваат да се дознае вистината, да се види дали обвинетите се виновни и, ако се виновни, да има соодветна казна.
Како сведоци беа повикани и вештаци од Судска медицина кои посочија дека најсериозните повреди со кои се здобил ракометарот биле нагмечување на големиот мозок и повреда на ’рбетниот мозок од кои втората ја посочија како фатална. Доколку не била повредата на ’рбетниот мозок, односно имало само нагмечување на големиот мозок, според нив, Хрватот би има поголеми шанси да преживее. На предлог на обвинителството, сведочеше и психијатарот Александар Марцикиќ кој рече дека секој од обвинетите во време на настанот бил со запазено психичко здравје, така што, како што посочи, можеле да ги разберат своите постапки, да ги претпостават последиците и да раководат со нив.
Сведочеа и другари на обвинетите и на Тот, кои кобната вечер биле со нив во ноќниот клуб, раскажуваа дека ракометарот бил под дејство на алкохол, а еден од нив, кој влегол во таксито со обвинетите, зборуваше и дека Хрватот ја навредувал Клементина.
По сослушувањето на сведоците, презентирањето на материјалните докази, пред десетина дена странките ги дадоа и завршните зборови во кои обвинителката Трајчевска побара тројцата обвинети да бидат прогласени за виновни, а одбраната побара ослободителна пресуда со тврдење дека никој од обвинетите не ги задал фаталните удари на ракометарот и дека обвинителството не докажало дека се исполнети „битијата“ на кривичното дело у6иство.