
ФИФА објави дека во првите 24 часа од третата фаза на продажба примила дури пет милиони барања за влезници за Светското првенство 2026 година. Притоа, забележува „исклучително“ глобална побарувачка, и покрај сè погласните критики од навивачките групи за високите цени на влезниците, пренесува фудбалскиот портал Goal.
Барањата пристигнаа од навивачи од повеќе од 200 земји и територии откако продажбата беше отворена на почетокот од неделата, што беше воедно и првата можност за купување на влезници за одредени натпревари по минатонеделното извлекување. Потсетуваме дека турнирот ќе се одржи во САД, Канада и Мексико од 11 јуни до 17 јули следната година.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
ФИФА ги користи овие бројки како доказ за големиот интерес за првото Светско првенство со 48 репрезентации и не покажува намера да ги преиспита цените и покрај критиките. Навивачките групи низ Европа ја оспорија ФИФА дека со цените ги исклучува обичните навивачи, а организацијата Football Supporters Europe (FSE) ги нарече цените „изнудувачки“ и побара прекин на продажбата додека не се ревидираат.