
Летниот преоден рок на Њукасл Јунајтед не се одвива според планот. Се очекуваше дека пласманот во Лигата на шампионите ќе поттикне значајни вложувања во тимот, но наместо тоа, прелазниот рок се претвори во приказна за одбиеници и фрустрации. И покрај речиси неограничената финансиска моќ на саудискиот фонд PIF, клубот се соочува со неуспеси во доведувањето засилувања, а врв на проблемите е нејасната иднина на главната ѕвезда Александер Исак.
Досегашниот тек на прелазниот рок за Њукасл е одбележан со низа пропуштени можности. Единственото значајно засилување е Ентони Еланга, доведен од Нотингем Форест за 52 милиони фунти. Освен тоа, клубот остана празних раце во обидите да донесе играчи како Лиам Делап и Жоао Педро, кои завршија во Челзи, и Матеус Куња и Брајан Мбеумо, кои го одбраа Манчестер Јунајтед. Дин Хујсен, уште една цел, одамна е член на Реал Мадрид.
Дејан Димовски: Скопје троши 700 литри вода дневно по жител | Уште еден поткаст ↓↓↓
Англискиот стопер на Кристал Палас, Марк Гехи, исто така беше цел, но Палас ја одби понудата од 65 милиони фунти. Последната „корпа“ дојде од Брентфорд, кој исто така не сакаше да го пушти својот напаѓач Јоан Виса, откако веќе го продадоа Мбеумо на Јунајтед.
Кога се чинеше дека конечно можат да го прекинат црниот низ, следуваше нов удар. Ливерпул им го зеде Хуго Екитике од Ајнтрахт пред носот, и покрај дарежливата понуда на тимот од северна Англија. Во меѓувреме, голманот Џејмс Трафорд, долго следена цел, е сѐ поблиску до Манчестер Сити.
Њукасл очајно се обидува да се етаблира меѓу елитата и да се бори за играчи од највисок калибар, но се соочува со горчливата реалност. И покрај богатството и Лигата на шампионите, клубот тешко се натпреварува со наследството, локацијата и привлечноста на етаблираните гиганти како Манчестер Јунајтед, Челзи, Манчестер Сити и Арсенал. Финансиските правила за одржливост (PSR) дополнително ја ограничуваат можноста проблемите да се решат со пари.
Фото: Њукасл/ФБ