
Навивачите на Милан можат да воздивнат со олеснување, бидејќи како стојат работите, најдобриот фудбалер на овој клуб Рафаел Леао (26) ќе остане во овој италијански гигант уште долго време.
„Газета дело Спорт“ пишува дека Милан за португалскиот крилен напаѓач подготвил значително подобрен договор, за да не реагира на интересот на тимовите од Саудиска Арабија и Премиер лигата.
Street Workout Macedonia – Движење што гради сила, карактер и издржливост | Уште еден поткаст
Леао од доаѓањето од Лил во 2019 година заработувал 1,5 милион евра годишно, за во 2023 година да го продолжи договорот со плата од 5,5 милиони евра, плус бонуси.
Овој играч е веќе седум години во Милан, па раководството на клубот смета дека е време да добие договор каков што добиваат само најдобрите во Серија А, а Леао, несомнено, е еден од нив.
Сега неговата основна плата би можела да изнесува меѓу седум и девет милиони евра, со дополнителни премии.
Наводно, Леао е подготвен да стави потпис на таков договор, па така Милан и пред почетокот на преодниот рок ќе заврши голема работа во составувањето на новиот тим, кој со сигурност ќе игра во Лигата на шампионите.
Милан, на 11 кола пред крајот, е втор на табелата на Серија А со десет бода позади водечкиот Интер. До Скудетото ќе биде тешко, но враќањето во Лигата на шампионите не би смеело да изостане…