
Лука Модриќ (40) блескаше против Болоња во третото коло од Серија А. Тој постигна гол за 1:0, кој е негов прв откако е дел од Милан. Покрај голот, доминираше во средината на теренот и беше прогласен за играч на натпреварот.
Италијанските новинари се воодушевени од настапот на Модриќ во дуелот на Милан против Болоња.
Дејан Јакимовски: Ни ФИФА не веруваше дека ќе стигнеме на време со ВАР системот | Уште еден поткаст
Пишувајќи за Corriere dello Sport, новинарот Алберто Полвероси истакна: “Ако Модриќ навистина има четириесет години, тогаш да го клонираме! Веќе во првото полувреме беше единствената светла точка на Милан, а во продолжението ја подигна играта на уште повисоко ниво.”
Модриќ ова лето пристигна без откуп од Реал Мадрид, а пофалби му даде и Паоло Кондо од Corriere della Sera: “Милан е благословен за одлуката да го доведе Модриќ, кој освен што диригира на теренот и внесува ред во нападот, постигна и гол со кој ја сруши Болоња.”
Според Sofascore, Модриќ беше играч на натпреварот со оценка 8.6, што го прави ова неговиот најдобар настап за италијанскиот гигант. Најблизу до него беше стоперот Фикајо Томори, кој доби 7.3.
Ова лето тој дојде во Милан и потпиша едногодишен договор откако не ја продолжи соработката со Реал Мадрид, каде што стана легендарен играч на средината. Натпреварот со Болоња за него беше четврти во дресот на Милан, а првата асистенција ја запиша на 29 август во второто коло од италијанскиот шампионат, кога со слободен удар го пронајде Рубен Лофтус-Чик во казнениот простор.