Еден од најголемите експерти што светот на фудбалот некогаш го видел, тренерот на Манчестер Сити Пеп Гвардиола, е уморен од фудбалот и ја отвори душата како никогаш досега во шпанскиот подкаст.
Гвардиола беше гостин на популарниот YouTube канал Desmontadito кај Дани Гарсија и таму зборуваше за продолжувањето на договорот, идните планови и уморот што му го донесе фудбалот.
Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓
Иако Гвардиола само пред неколку недели го продолжи договорот со Манчестер Сити за уште две години, по траењето на тој договор беше јасно дека каталонскиот стратег е заситен од сè, па не продолжи на подолг временски период.
Во разговорот со Дани Гарсија порача дека сака да се повлече и да се посвети на голфот, за да одмори. Додаде и дека преземањето друг клуб во блиска иднина не е опција.
“Сакам да го напуштам фудбалот и да одам да играм голф, но не можам. Ќе дојде време кога ќе почувствувам дека е доволно и тогаш дефинитивно ќе запрам. Нема да водам друг тим”, рече Гвардиола и објасни:
“Не зборувам за долгорочната иднина, но она што нема да го направам сега е да го напуштам Манчестер Сити и да одам во друга земја да работам истото што и сега. Не би имал енергија за нов клуб. Сè уште сум тука и го правам она што го правам, но мислата за почеток некаде друго, со сите процеси на обука и така натаму… Не, не и не! Можеби би можел да преземам некоја репрезентација, но и тоа е сè различно. Мислам дека пауза сега би ми дошла добро”, порача славниот шпански стратег.
Гвардиола, освен голфот, откри што уште би сакал да научи во текот на својот живот. Едно од нив е францускиот јазик.
“Уште сум млад и кога ќе престанам, има неколку работи кои сакам да ги направам. Една од нив е да научам француски, да го посветам слободното време на себе за да играм голф, а потоа и да почнам да готвам едноставни работи”, открива Гвардиола.
Емоционалното обраќање го заклучи со зборовите дека е осамен како фудбалски тренер.
“Почетната точка во решавањето на проблемите со резултатите е престојот со луѓе, но никој не може навистина да ја утеши осаменоста на фудбалскиот тренер”, заклучи Гвардиола.