
Иако се шпекулираше дека ова лето ќе се пресели во американската MLS лига, крилниот напаѓач Антоан Гризман (34) сепак ќе остане во Атлетико Мадрид, објавија шпанските медиуми.
На Гризман му истекуваше актуелниот договор во јуни следната година и се шпекулираше дека во трансфер периодот во лето ќе премине во Лос Анџелес FC. Но, миленикот на тренерот Диего Симеоне, тврдат шпанските медиуми, треба да го продолжи договорот до јуни 2027 година, што значи дека уште барем една сезона ќе игра за „Колчонеросите“. Исто така, францускиот фудбалер прифати намалување на платата, а неговата нето заработувачка, по оданочувањето, изнесува осум милиони евра по сезона.
Традицијата продолжува, се трансформира - Pinko Crafts ↓↓↓
Гризман пристигна во Атлетико во јули 2014 година од Реал Сосиедад со трансфер вреден 30 милиони евра. По пет сезони во мадридскиот клуб, во летото 2019 година го купи Барселона, која плати оштета од 120 милиони евра. Францускиот напаѓач не ги исполни очекувањата и по две години се врати во Атлетико, прво на позајмица, за да „Колчонеросите“ во јули 2023 година го откупат неговиот договор за 22 милиони евра.
Тренерот Симеоне, и покрај критиките во медиумите, и понатаму има голема доверба во Гризман, кој остана стандарден првотимец. Оваа сезона во сите натпреварувања постигна 16 гола и додаде седум асистенции. Со Атлетико ја освои Европската лига во 2018 година, и во 435 натпревари постигна 197 голови и забележа 91 асистенција.
Години наназад беше еден од клучните играчи на француската репрезентација во која го воведе селекторот Дидиер Дешамп. Со „Француските петли“ беше светски првак во 2018 и вицепрвак во 2022 година. Играше во финалето на Еуро 2016 и ја освои Лига на нации во 2021 година. За националната селекција одигра 137 натпревари и забележа 44 гола и 38 асистенции.
Фото: Atletico Madrid/FB