
Францускиот фудбалски гигант Лион потврди дека продолжува да биде дел од Лига 1, по неколкумесечна неизвесност и административни предизвици во врска со финансиската стабилност на клубот.
Денес е официјално објавено дека Лион ќе натпреварува во елитната француска лига и следната сезона, иако француското финансиско надзорно тело (DNCG) реши да воведе ограничувања на платите и трансферите на клубот.
Во средината на јуни, DNCG привремено одлучи да го отфрли Лион во Лига 2 поради непрoминување на строги финансиски критериуми. Клубот беше соочен со значителни долгови и неуспешен план за санација, што предизвика шок меѓу француската јавност и фановите на овој трофеен клуб.
Веднаш по оваа одлука за исклучување, Лион поднесе жалба и започна интензивни преговори со DNCG и потенцијални инвеститори. Власникот на клубот Џон Текстор и неговата компанија Eagle Football Group ги продадоа уделите во англискиот Кристал Палас и женската секција на Лион, а дополнителен капитал беше вложен за да се исполнат барањата на регулаторот.
И покрај привремената одлука за исклучување, Лион се најде во ждрепката и календарот за новата сезона во Лига 1, што беше првиот знак дека жалбата може да биде успешна. Клубот исто така постигна и договор со УЕФА, со што си обезбеди право на учество во Лига Европа, но само ако остане во првата лига.
По дополнителниот преглед на финансиската документација и новите вложувања, DNCG денес официјално ја отповика својата одлука за исклучување на Лион. Клубот го докажа својот финансиски капацитет и ги исполни сите услови за натпреварување во Лига 1, со што е потврден неговиот опстанок во елитното друштво на францускиот фудбал, пренесува Index.hr.
Олимпик Лион е основан во 1950 година и преку децениите се издигна до еден од најпознатите француски фудбалски клубови. Најголемиот успех го постигна на почетокот на 2000-тите години, кога седум пати последователно го освојуваше шампионскиот наслов на Франција (од 2002 до 2008).
Клубот е познат по развојот на млади играчи и силната академија од која произлегоа многу врвни фудбалери. Во сезоната 2023/2024 Лион го заврши натпреварувањето на 6-тото место во Лига 1.