
Поранешното „чудо од дете“ од Челси, Чарли Мусонда, објави дека се повлекува од професионалната фудбалска сцена на 28-годишна возраст.
Белгискиот фудбалер, кому некогаш му прогнозираа сјајна кариера слична на онаа на Еден Азар, ја донесе оваа тешка одлука поради серија сериозни повреди што го следеа низ годините. Иако уште млад, Мусонда реши дека веќе не може да игра на врвно ниво.
Не се плашам од немање пари – FitKit, Coach Foods и претприемачкиот пат на Јосиф Дамјанов ↓↓↓
Во емотивно видео објавено на платформата Rising Ballers, Мусонда изјави дека се повлекува од фудбалот.
„Не е лесно, но размислував за ова долго време. По анализирање на моите искуства и на тоа кој сум, сфатив дека сакам да живеам со цел – за да инспирирам и мотивирам други“.
Мусонда особено истакна колку му беше тешко заминувањето од Челси – клубот каде што се афирмираше и чиј дрес го носеше со гордост.
„Оддалечувањето од Челси ме повреди ментално. Тоа беше најлошото нешто што ми се случи“, изјави и додаде:
„Се вратив на тренинзи со резервниот тим, бев пресреќен што можам повторно да играм, но работите се искомплицираа пред почетокот на следната сезона. Тоа беше крајот на моето време во Челси“.
Мусонда се присети и на кратката средба со тогашниот тренер Томас Тухел.
„Само ми рече: ‘Како си? Со нетрпение чекам повторно да те видам.’ За мене тоа значеше дека ќе се вратам во првиот тим, но предсезонските подготовки носеа поинаков исход“.
Иако имаше надежи дека ќе се избори за место во првиот тим, постојаните повреди и позајмиците во Реал Бетис и Витесе го спречија континуитетот.
Мусонда некогаш важеше за еден од најталентираните млади фудбалери во Европа, а во еден период го споредуваа и со Азар од најдобрите денови. Сепак, неговата кариера никогаш не ги достигна височините кои му беа предвидени.
Одигра само неколку натпревари за првиот тим на Челси, а иако понекогаш покажуваше блесоци на талент, тежината на повредите и несреќните околности беа преголема пречка.