
Италијанскиот репрезентативец Џакомо Распадори потврди дека методите на новиот селектор Џенаро Гатузо не се само метафорични. По убедливата победа против Естонија (5:0), Распадори призна дека Гатузо ја разбудил екипата и со буквални шамари, пишува football-italia.net.
Напаѓачот на Атлетико Мадрид се појави на теренот во триумфот против Естонија и веднаш остави свој печат, најпрво додавајќи, а потоа и постигнувајќи гол само 90 секунди подоцна. Заедно со него, за италијанскиот тим двапати стрелаше Матео Ретегуи, а по еден гол додадоа Моизе Кин и Алесандро Бастони.
Дејан Јакимовски: Ни ФИФА не веруваше дека ќе стигнеме на време со ВАР системот | Уште еден поткаст
По натпреварот, Бастони изјави дека Гатузо дал „неколку шамари“ на тимот за да ги разбуди. На прашањето дали тоа е само метафора, Распадори за Sky Sport Italia рече:
„Не, делеше вистински шамари, добив еден по вратот. Гатузо ни влеа одлучност и борбеност. Ние сме талентирани играчи, само треба тоа да го покажеме на теренот. Игравме вистински натпревар од почеток до крај, не е лесно да се постигнат пет гола против ваква екипа. Мораме да веруваме дека сме на вистинскиот пат.“
Гатузо е назначен на чело на италијанскиот тим токму поради неговиот победнички менталитет, како дел од генерацијата која го освои Светското првенство во 2006 година, пишуваат италијанските медиуми. Како играч, беше познат по својата страсност и став, кои сега ги пренесува и како тренер.
„Имав среќа да го гледам додека игра, така што сето тоа го препознавам во начинот како се движи на тренинг и како комуницира со нас. Ни покажува колку е важен дресот на Азурите и што претставуваме. Брзо го прифативме тоа и се подготвивме на најдобар начин, а сега треба да продолжиме да го правиме истото“, додаде Распадори.
Италија го започна натпреварот во новата 4-2-3-1 формација, со повеќе офанзивни играчи. „Свесни сме дека треба да постигнуваме повеќе голови и тоа мора да го пробаме да го форсираме. Естонија докажа колку е тешко да се пробие. Додека не го постигнавме првиот гол, беше навистина тешко“, објасни Распадори.