Дома Фудбал ФФМ го претстави планот за ВАР во македонскиот фудбал

ФФМ го претстави планот за ВАР во македонскиот фудбал

Фудбалската федерација на Македонија ја започна завршната фаза во имплементацијата на системот за видео технологија на судиите (ВАР), преку детална комуникациска стратегија насочена кон медиумите и јавноста.

Во рамките на оваа фаза, денес во просториите на Фудбалската федерација на Македонија одржана е едукативна и информативна презентација, со цел да се создаде јасна, прецизна и објективна слика за функцијата и значењето на примената на ВАР во македонскиот фудбал.


Клучни цели од оваа комуникациска фаза се:

– Информирање за активностите поврзани со имплементацијата на ВАР, обуките на судиите и техничката логистика.

– Едукација на медиумите и јавноста за основните принципи и философија на ВАР – што е ВАР, кога и како се користи и кои се неговите ограничувања.

– Подобрување на медиумското известување, со цел да се намали ширењето на неточни или конфузни информации и да се воведе стандардизирана терминологија во известувањето.

– Градење доверба и транспарентност, преку отворена комуникација и јасно прикажување на улогите и процесите поврзани со ВАР.

Врз основа на претходно споделен анкетен прашалник до повеќе медиуми и спортски редакции, а имајќи ги предвид добиените резултати од анкетата, неминовно беше одржување на ваков настан, со единствена цел „да говориме ист ВАР јазик“.

Презентацијата понуди и практични објаснувања за тоа како функционира ВАР во реални натпреварувачки услови, односно кога и како се вклучува, кој комуницира со кого и кои критериуми се користат за да се одлучи дали ќе има ВАР проверка или ВАР преглед на снимката. Недвосмислено беше истакнато дека ВАР технологијата, односно ВАР судијата не ја заменува главната судиска одлука, туку служи како поддршка, односно совет во одредени ситуации од исклучително значење за текот на натпреварот, под еден основен услов, а тоа е да постои јасна и очигледна грешка во само четири дозволени типови на одлуки во кои е дозволена ВАР интервенција (голови, пенали, директни црвени картони и погрешна идентификација на играч).

Дополнително, медиумите беа запознаени со техничките предуслови за функционирање на системот, како што се ВАР собата, просторот за преглед на снимки комуникациските, безбедносните и логистичките протоколи што се неопходни за точна примена. Преку визуелизации и примери, беше демонстрирана улогата на ВАР судијата, неговиот асистент (АВАР), како и за техничките оператори за повторување на снимка.

ВАР технологијата во македонскиот фудбал со почетокот на новата натпреварувачка сезона ќе се применува во натпреварите од Првата македонска фудбалска лига, во Купот на Македонија од четвртфиналните натпревари до финалниот натпревар, во финалето на женскиот куп, како и на квалификациските (бараж) натпревари.

Сите натпревари во кои ќе се применува ВАР технологијата задолжително ќе се играат само и исклучиво на сертифицирани стадиони од ФИФА, а овие натпревари можат да ги судат исклучиво судиите кои во претстојниот период успешно ќе ја завршат обуката и сертификацијата реализирана од ФИФА. Целокупниот процес на имплементација, едукација и сертификација на судиите е во надлежност на ФИФА ВАР инструктор одреден од ФИФА, секако во тесна стручна и логистичка координација со ФФМ.

Со оваа комуникациска фаза, ФФМ не само што го приближува ВАР системот до јавноста, туку и ја испраќа пораката дека верува во единствена примена на Правилата на фудбалската игра, фер плеј и технолошки напредок. ВАР не гарантира 100% точност, што и не е негова цел, но ја намалува веројатноста за јасни и очигледни судиски грешки кои можат да влијаат на текот на натпреварите.

ФФМ ќе продолжи со едукативни сесии, јавни инфо-материјали и транспарентна комуникација со медиумите во сите идни чекори на развојот на ВАР во македонскиот фудбал и останува целосно отворена за комуникација со медиумите и јавноста и ќе продолжи со проактивен пристап во информирањето, во духот на професионалност, отчетност и транспарентност,

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

„Валкана“ игра на Винисиус со Кралевите!

Винисиус Жуниор веќе се наметна како голема ѕвезда во Реал Мадрид. Мадридскиот клуб од нег…