Дома Фудбал Бугарија во тага: Почина човекот кој им го донесе најголемиот историски успех со репрезентацијата!

Бугарија во тага: Почина човекот кој им го донесе најголемиот историски успех со репрезентацијата!

На возраст од 80 години почина Димитар Пенев, поранешен фудбалер и тренер и една од најголемите легенди на бугарскиот фудбал. Пенев, икона на софискиот ЦСКА, ќе остане запаметен како селекторот кој ја одведе Бугарија до историјскиот успех – четвртото место на Светското првенство во 1994 година во САД. Веста за неговата смрт ја потврди Фудбалската федерација на Бугарија во сабота.

Емоционална порака на социјалните мрежи му испрати и легендарниот бугарски напаѓач Христо Стоичков.

До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст


“Гигант! Најголемиот меѓу сите! Патријархот на нашиот фудбал! Човекот кој нè направи четврти во светот! Човек кој обликуваше десетици од нас како луѓе и спортисти! Почивај во мир, шефе! Никогаш нема да бидеш заборавен”, напиша Стоичков.

Пенев ја започна кариерата како играч во Локомотив Софија, но вистинска слава стекна во дресот на ЦСКА, каде што играше 13 години, запишувајќи 329 натпревари и постигнувајќи 24 гола. Се смета за еден од најдобрите бугарски стопери на сите времиња, а за националниот тим настапи 90 пати, учествувајќи на три светски првенства – 1966, 1970 и 1974 година. Двапати е прогласен за најдобар бугарски фудбалер на годината.

Сепак, неговата тренерска кариера му донесе уште поголема слава. Во 1991 година, Пенев ја презеде така наречената “Златна генерација” на бугарскиот фудбал, тим полн со ѕвезди кои играа во најсилните европски лиги, предводен од Стоичков, подоцнежен добитник на Златната топка.

Иако Светското првенство во 1994 започна со пораз од Нигерија, под водство на Пенев, следеше неверојатна серија натпревари. Победени беа Грција, Аргентина, Мексико, а во четвртфиналето и фаворизираната Германија. Соништата за финале ги прекина Италија во полуфиналето, а во битката за третото место Шведска беше подобра. Сепак, освоеното четврто место останува најголемото достигнување во историјата на бугарскиот фудбал.

Пенев работеше како тренер до 2012 година, освојувајќи три шампионски титули во Бугарија, четири купа и еден суперкуп. Во омилениот ЦСКА се врати во 2019 како консултант, а три години претходно беше назначен за почесен претседател на клубот.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Реал блиску до договор со ѕвездата на Баерн

Реал Мадрид следи голем број стопери, а наводно сега Дајо Упамекано е трансфер цел број ед…