
Поранешниот тренер на Ливерпул и Њукасл, Рафаел Бенитез (65), ги сподели своите сознанија за рекордниот трансфер на Александар Исак во „Енфилд“, додека легендата на Црвените, Мајкл Овен (45), го нарече тој потег чисто „демонстрирање на моќ“. Шпанскиот тренер откри дека извори од Њукасл му признаваат дека шведскиот напаѓач веќе им недостига, иако уште не дебитирал за Ливерпул во Премиер лигата, туку заиграл во првото коло на Лигата на шампиони, пишува „ТНТ Спортс“.
Шведската ѕвезда се придружи на првакот на Премиер лигата последниот ден од трансфер периодот со трансфер вреден 150 милиони евра, со што стана најскапиот играч во историјата на британскиот фудбал и летниот трансфер период. Трансферот се случи по напната летна сага и изјава на играчот дека “неговиот однос со клубот не може да продолжи”, што предизвика критики од навивачите на Њукасл.
Кој ќе победи во Beer Pong - Лига на Шампиони
Бенитез, кој ги водеше двата тима, тврди дека неговите контакти на североистокот на Англија и понатаму жалат за заминувањето на нивната поранешна ѕвезда.
„Ќе откријам една тајна, разговарајќи со луѓето од Њукасл Јунајтед, дознав дека веќе им недостига”, рече Бенитез за ТНТ Спортс. „Се снаоѓаше добро, се прилагодуваше на стилот, играта”, додаде шпанскиот експерт.
Објасни и што Исак носи на теренот со неговата игра.
„Се движи паметно, може да игра во средината или да се повлече на крило. Се втурнува зад одбраната и може да дрибла. Затоа мислам дека ќе биде одлично засилување за Ливерпул и голема загуба за Њукасл Јунајтед.”