
Шпанската фудбалска лига ќе има следната сезона пет претставници во Лигата на шампионите, врз основа на резултатите на клубовите во сите три европски натпреварувања оваа сезона.
Две лиги добиваат дополнително место во Лигата на шампионите врз основа на учинокот на клубовите, а откако на 8. април беше објавено дека тоа ќе биде Премиер лигата, по резултатите од четвртокот истото се случи и со Шпанија.
Традицијата продолжува, се трансформира - Pinko Crafts ↓↓↓
Сето тоа е и математички потврдено поради пласманот на Бетис во полуфиналето на Конференциската лига и Атлетик Билбао во полуфиналето на Лигата на Европа, па така и Примера ќе даде пет претставници во елитното европско клупско натпреварување.
На нив им помогна и тоа што Лацио беше елиминиран во четвртфиналето на Лигата на Европа, во двомеч против Боде Глимт.
До сега првите четири екипи одеа директно, а во Англија и Шпанија од следната сезона во најелитното европско натпреварување ќе одат и екипите што се на петтото место.
Минатата сезона Италија и Германија добија по дополнително место, Болоња и Борусија од Дортмунд како петтопласирани играа во Лигата на шампионите, која од оваа сезона се игра во нов формат, со 36 клуба по единствена табела.
Постои можност Англија да добие и шести претставник, и тоа ќе се случи доколку Лигата на Европа ја освојат Тотенхем или Манчестер Јунајтед, екипи кои преку националното првенство нема да успеат да се квалификуваат за Лигата на шампионите.
Тотенхем ќе игра во полуфиналето на Лигата на Европа против норвешкиот Боде-Глимт, додека Манчестер Јунајтед ќе игра против шпанскиот Атлетик Билбао.