
И покрај тоа што тренерот Рубен Аморим во пролетниот дел од минатата сезона во дури девет натпревари од Премиер лигата го остави на клупа, бразилскиот фудбалер Каземиро (33) одби да премине во саудискиот Ал Наср, каде што играат Роналдо и Брозовиќ. Одлучи да остане во Манчестер Јунајтед, бидејќи сака да биде дел од составот на Анчелоти за Светското првенство 2026, пренесоа британските медиуми.
Каземиро, кој во Реал Мадрид со Модриќ и Крос формираше шампионски среден ред, пристигна во “Црвените Ѓаволи” пред три години. Веднаш стана стандарден играч на првиот тим и сè беше во ред до средината на ноември минатата година. Тогаш на кормилото на Јунајтед присигна португалскиот стратег Рубен Аморим. Каземиро брзо беше ставен во сенка од тренерот, со намалена минутажа и многу натпревари на кои не добиваше шанса да игра.
Дејан Јакимовски: Ни ФИФА не веруваше дека ќе стигнеме на време со ВАР системот | Уште еден поткаст
Британските медиуми сè почесто известуваа дека управата на Јунајтед сака да го ослободи Каземиро делумно поради тоа што со годишна плата од 21 милион евра е најплатениот фудбалер на клубот од Олд Трафорд. Недостатокот на минути во Манчестер Јунајтед го чинеше повик во бразилската репрезентација.
Сепак, среќата му се промени кога на крајот на мај италијанскиот стратег Карло Анчелоти стана новиот селектор на Бразил. Со оглед на нивната добра соработка во Реал, Каземиро брзо се врати во репрезентацијата и одигра минути во квалификациите за Светското првенство против Еквадор и Парагвај.
Иако понудата од Ал Наср беше примамлива, Каземиро беше свесен дека преселбата во Саудиска Арабија ќе значи отсуство од плановите на Анчелоти. Затоа, реши да остане во Манчестер Јунајтед, што му се исплатеше, бидејќи во првите три кола од новата сезона во просек играше 63 минути по натпревар.
Во бразилскиот дрес, Каземиро има забележано 77 настапи, постигнал седум голови и три асистенции.