
Фудбалската федерација на Гвинеја побара од Африканската конфедерација за фудбал (ЦАФ) да го преиспита исходот на Африканскиот куп на нациите од 1976 година, повикувајќи се на инцидент каде што Мароко го напушти теренот. Барањето на Гвинеја доаѓа откако ЦАФ ја одзеде титулата на Сенегал за 2025 година, поради тоа што нивната екипа си замина од натпреварот.
58 дена по завршувањето на турнирот во 2025 година, ЦАФ ја одзеде титулата на Сенегал и го прогласи домаќинот Мароко за шампион. Одлуката да се додели победа на Мароко со резултат 3:0, поради повлекувањето на сенегалската екипа, поттикна Гвинеја да побара истите дисциплински стандарди да се применат и на историски натпревари.
Street Workout Macedonia – Движење што гради сила, карактер и издржливост | Уште еден поткаст
Гвинејската федерација се повикува на клучниот дуел против Мароко во 1976 година, кој беше дел од финалната група на турнирот. Пред натпреварот, на Мароко му беше доволен нерешен резултат за титула, додека на Гвинеја и беше потребна победа.
Гвинеја поведе во 33-та минута со голот на Шериф Суљемејн. По ова, мароканските играчи, поради протест на судиска одлука, на кратко го напуштија теренот, но брзо се вратија и натпреварот продолжи. Ахмед Макроух изедначи во 86-та минута за конечни 1:1, со што Мароко со пет поени заврши на врвот на групата и ја освои титулата, додека Гвинеја беше втора.
Од Гвинеја сега тврдат дека инцидентот треба повторно да се процени според принципите применети во одлуката од 2025 година.