Дома Фудбал Светско првенство во фудбал Историја на Светското првенство: Победата на Англија над Германија во 1966 и германската карма 44 години подоцна

Историја на Светското првенство: Победата на Англија над Германија во 1966 и германската карма 44 години подоцна

Светското фудбалско првенство 2018 година, на кое домаќин ќе биде Русија и ќе се игра од 14 јуни до 15 јули, ќе биде пофалба и ревија на најдоброто од светскиот фудбал. Во чест на тој повод, убаво е да се потсетиме што и како беше интересно и највпечатливо на некои од минатите изданија на Мундијалот.

На Светското фудбалско првенство во 1966 година, Англија го освои своето единствено светско злато на големите натпреварувања. Голот за потврда на титулата во финалето против Западна Германија го постигна Џеф Харст. Тој погодок остана еден од најконтроверзните голови во историјата на фудбалот, бидејќи и денес со сигурност не се знае дали топката ја помина гол линијата.


Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓


Четириесет и четири години подоцна стигна и одмаздата на Германците, како доказ дека кармата кога тогаш ќе го стигне тој што треба. Англичаните постигнаа очигледен гол против Германија, но судијата не го призна погодокот и Англија испадна од натпреварувањето.

Мундијалот во 1966 година беше одржан во лулката на фудбалот, Англија. А самата увертира во најголемото светско фудбалско натпреварување беше интересна и незаборавна. За време на изложбата во Лондон, трофејот Жил Риме беше украден, но набрзо после кражбата беше пронајден од кучето Пиклс.

Покрај тоа, Африканците го бојкотираа првенството бидејќи ФИФА одреди победниците од африканските квалификации да играат разигрување против земјите од Австралија и Океанија.

Сензацијата Северна Кореја

Незаборавно и неизоставно е да се истакне дека легендарниот Пеле беше изудиран од Бугарите и Португалците без никакви санкции, како и дека Бразил поради тоа не ја помина групната фаза, што најдобро го искористија Англичаните кои на крајот го кренаа во свои раце светското фудбалско злато.

На првенството играа вкупно 16 репрезентации, а Англија после ремито со Уругвај и победите над Мексико и Франција, го зазеде првото место во групата и закажа четвртфинале против Аргентина, која ја совладаа со голот на Харст и резултат 1:0.

За тоа време, Западна Германија го освои првото место во групата 2, пред Швајцарија и Шпанија, репрезентации кои ги покори на теренот, и Аргентина со која ремизираше. Во четвртфиналето Западна Германија ја чекаше Уругвај. Германците беа и со головите на Халер (11’ и 83’), Бекенбауер (70’ и Селер (75’), славеа со 4:0.

Пред да ја продолжиме приказната за Англија и Западна Германија, вреди да се потсетиме на најголемата сензација на овој Мундијал – Северна Кореја. Таа во групата 4 стигна до најголемиот успех во својата историја, откако против Чиле и Италија остварија победи и пласман во четвртфинале. Пред нив во групата беше само Советскиот сојуз.

Северна Кореја беше на чекор од епска сензација и во четвртфиналето, каде против фаворитот Португалија, после 25 минути игра, дојде до предност од 3:0. Но, тогаш селекторот на Португалија, Ото Глорија, во игра го внесе фантастичниот Еузебио, кој мислеше да го одмори за полуфиналето. Еузебио направи пресврт постигнувајќи четири гола до крајот на дуелот и асистенција за петтиот гол во корист на Португалија, кој го постигна Жозе Аугусто.

Англичаните во полуфиналето, на крилата на Боби Чарлтон, ја совладаа Португалија со 2:1, кога ни Еузебио не можеше да ја извлече од калта својата репрезентација. Западна Германија во финале стигна со победа над Советскиот сојуз со 2:1, а головите ги постигнаа Халер и Бекенбауер.

Голот на Харст

На ред дојде и големото финале закажано на Вембли. Западна Германија поведе преку Халер во 12-та минута, но Харст во 18-та минута нештата ги врати во почетна состојба. Во драматичниот завршеток од регуларниот дел, Мартин Питерс во 78-ма минута погодува за 2:1 за Англија, но Западна Германија во само ним својствен начин се враќа во игра со голот на Вебер на самиот крај од натпреварот (оттогаш Германците се познати по тоа дека играат фудбал цели 90 минути).

Во продолженијата, поточно во 101-ва минута, Харст го постигнува својот втор гол за водство на Англија, а потоа, во 120-та минута ја потврдува победата со голот кој и денес остана енигма во светот на фудбалот, бидејќи не се знае дали топката ја помина гол линијата.

На крајот, Англичаните го прославија трофејот кој, како што ќе покаже времето, до ден денес остана единствен нивни пехар на светските и европските првенства.

Приказната за голот од 1966 година се повторуваше од година во година, а истиот секогаш беше тема на која се навраќаа хроничарите на првенствата пред секое ново големо натпреварување. Сепак, таа приказна доаѓа до кулминација 44 години подоцна, кога кармата конечно им го возврати ударот на Англичаните. На Светското првенство во Јужна Африка, во осминафинале, повторно се сретнаа Англија и Германија.

Германија после 32 минути игра имаше водство од 2:0, благодарение на головите на Лукас Подолски и Мирослав Клосе. Но, Англија преку Метју Апсон намали на 2:1 во 37-ма минута.

И точно во оној момент кога Англија требаше да ја дофати спасоносната сламка за целосно враќање во игра, точно тогаш кога на ривалот Германија требаше да им направат „break“, се појави Френк Лампард – легендарниот играч за врска кој славата ја стекна во дресот на Челзи. Онака како што нему му доликува – доаѓање од втор план до топката која не беше наменета за него. Тоа беше специјалитетот на Лампард.

Милнер го бараше Дефо, овој одвај некако ја прими топката, а германскиот стопер рутински му излизга и ја исфрли кон средниот ред. Но, топката не замина далеку, брзо ја собра Лампард, ја прими и ја пушти малку да се смири. Со крајот на окото виде дека Нојер не е на гол линијата, туку два-три метра пред неа. Доволно за да се упати лоб удар од 16 метри. Секако, ако си мајстор за тоа. Следеше сув лист на Лампард, лет на топката преку Нојер кој ја проследи со отворена уста и последен негов обид да се извлече. Топката ја бакна пречката, влезе во голот, уште еднаш ја бакна пречката, повторно се спушти на земја и Нојер ја собра во свои раце.

„Одмазда“ врз грбот на Лампард и воведување на гол-технологија

Овој опис на терен краеше доста кратко. Но, сосема доволно за Германците да занемат и да се запрашаат: „Зарем некој може нам да ни се врати од 0:2?“ Сосема доволно за Англичаните на тоа да климнат со главата: „Можеме ние“. И сосема доволно за Лампард да ги крене рацете вославенички возвис и барем на секунда да помисли дека конечно постигна погодок на светските првенства. Славеше и селекторот на Гордиот Албион, Фабио Капело. Славеа и момците во црвени дресови.

Меѓутоа, нешто не беше како што треба. Не се слуша судискиот свиреж кој требаше да означи погодок и почеток од центарот на теренот. Никој не покажува со рака кон централната точка. Нојер мртов ладен продолжува со игра како да не било ништо. А тогаш сите погледи беа вперени во помошниот линиски судија Маврицио Еспиноза, веројатно поради, веројатно поради одекот од навивачите на трибините. „Буден сум!“, како да им одговори тој на сите што го гледаат така чудно, а потоа му мафна на Жорге Ларионди, главниот судија на натпреварот: „Тука сум, сè е ок“. Играта продолжи. На семафорот и понатаму е 2:1. Германците се смеат како кловнови, Англичаните кршат чаши и кинат нерви.

Добро, секоја приказна може да се раскаже и долови на повеќе начини. Можеби сето тоа и не изгледаше вака филмски како што е опишано, но вистината е дека Англичаните одиграа лошо првенство. Групата ја поминаа со пет бода, пред нив беа САД, зад нив Алжир и Словенија. Во осминафиналето против Германија губа со 2:0 во 32-та минута. Сепак, тоа што им се случи не може да се стави под генерализација на нивното претходно издание на Мундијалот. Велат дека Маврицио, после прикажување на снимката на големот екран, само промрорел: „О, Боже мој“. Остана 2:1, заврши 4:1 за Германија.

Лампард играше на Мундијалот и во 2014 година, но повторно остана без постигнат гол, а Гордиот Албион испадна во групната фаза. Со тоа, легендарниот англиски играч за врска, во текот на 10 одиграни натпревари за Англија на три светски првенства (2006, 2010 и 2014), со упатени 40 удари кон противничкиот гол, ниту еднаш не се запиша во листата на стрелците.

„Голот“ на Лампард, воедно, отиде и во историјата, бидејќи тој беше капката која ја прелеа чашата за воведување на гол-технологија. Но, тоа нему тогаш воопшто не му беше важно. Како ни на Англичаните.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Светско првенство во фудбал

Проверете

„Лудо“ дерби во Манчестер: „Ѓаволите“ со луд пресврт во две минути ја продолжија агонијата на Манчестер Сити! 🎥

Манчестер Јунајтед со луд пресврт во две минути славеше ппобеда во дербито со градскиот ри…