
Топрак Разгатлиоглу нема да се врати на патеката до крајот на сезоната во МотоГП, откако мораше да оди на операција поради повредата на рамото заработена на Големата награда на Индонезија.
Во составот на Прамак Јамаха за остатокот од шампионатот ќе влезе тест-возачот Аугусто Фернандез.
Турскиот возач падна за време на слободниот тренинг во Мандалика, кога по агресивен „хајсајд“ во свиокот 13 го дислоцираше рамото. Иако потоа доби дозвола од медицинскиот тим на МотоГП да продолжи со настапот, ситуацијата очигледно била посериозна отколку што изгледало во прв момент.
Разгатлиоглу веднаш се врати на патеката и во квалификациите го освои 19. место на стартот. Истата позиција ја задржа и во спринт трката, а на неделната главна трка мораше да се повлече по само осум круга.
По откажувањето, самиот објасни дека најголемиот проблем не била само болката, туку недостатокот на сила во рамото, особено при кочење.
„Кога се разбудив утрово, чувствував многу болка и движењето беше ограничено. Лековите против болка помогнаа, но тоа не беше главниот проблем. Најголем проблем беше што немав сила откако рамото излезе од место, посебно на сопирање“, изјави Разгатлиоглу.
По враќањето во Турција тој најави дополнителни прегледи и магнетна резонанца, со надеж дека одмор ќе биде доволен за да избегне хируршка интервенција. Но, по деталните испитувања било одлучено дека операција е неопходна за стабилизација на рамото.
Зафатот бил извршен во понеделник во Милано, а сега го чека подолг период на рехабилитација. Според информациите, процесот на закрепнување ќе биде сличен на оној низ кој мина Марк Маркез во 2018 и 2019 година.
Во меѓувреме, Јамаха ќе се потпре на Аугусто Фернандез, кој покрај замената на Разгатлиоглу ќе има и обврски околу развојот на новата 850cc машина на Јамаха за сезоната 2027.
Директорот на тимот Прамак, Џино Борсои, порача дека во тимот жалат што Разгатлиоглу нема да може да настапи на Филип Ајланд и да продолжи со адаптацијата на YZR-M1, но нагласи дека здравјето е на прво место.
„Многу ни е жал за Топрак, бидејќи знаеме колку сакаше да се трка на Филип Ајланд и да го продолжи своето патување со YZR-M1. Работеше напорно за да се прилагоди на МотоГП и разочарувачки е што оваа повреда ќе го сопре во следните трки. Но, неговото здравје е најважно и ќе бидеме со него во текот на закрепнувањето“, изјави Борсои.
Тој додаде дека тимот со задоволство го пречекува Фернандез, кој добро го познава моторот како тест-возач на Јамаха и ќе се обиде да извлече максимум во преостанатиот дел од сезоната.