Дома Моторспорт Мекларен го вклучи Форнароли во Hypercar проектот за 2027

Мекларен го вклучи Форнароли во Hypercar проектот за 2027

Мекларен официјално потврди дека Леонардо Форнароли ќе биде дел од возачкиот состав за Hypercar програмата во Светскиот шампионат во издржливост (WEC) во 2027 година.

Италијанецот, кој има 21 година, паралелно ќе продолжи и со својата сегашна улога како резервен возач на тимот во Формула 1.

Со ова Форнароли станува четврти потврден член на поставата на Мекларен пред влезот на британскиот производител во најсилната класа на трките на издржливост. Претходно беа објавени и Алекс Лин, Лоренс Вантор и Микел Јенсен, додека преостанатите две места сè уште не се пополнети.

За Форнароли ова ќе биде прв официјален чекор во светот на спортските автомобили. Зад себе има одличен развој во јуниорските серии, откако во 2024 година ја освои титулата во Формула 3, а во 2025 како дебитант стигна и до шампионскиот трофеј во Формула 2.

По 2026 година во која немаше постојано тркачко место, сега повторно ќе се врати во активен натпреварувачки ритам, и тоа како дел од амбициозниот проект на Мекларен.

Форнароли не ја криеше возбудата по објавата и истакна дека ова е значаен следен чекор во неговата кариера, додека воедно продолжува и неговата соработка со Ф1 тимот.

Шефот на тимот Џејмс Баркли нагласи дека Форнароли е еден од највозбудливите млади возачи во моторспортот, посочувајќи ги неговата брзина, константност и зрелост како клучни причини поради кои е избран за дел од Hypercar составот.

Мекларен со ова продолжува да го оформува тимот за долгоочекуваното деби во WEC во 2027 година, а во следниот период се очекува да бидат соопштени и останатите имиња во поставата.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Моторспорт

Проверете

Лосон јасен пред одлуката на Рејсинг Булс: Сега ми е важна само една работа

И покрај најсилната сезона досега во Формула 1, иднината на Лијам Лосон во Рејсинг Булс сè…