
Извршниот директор на Евролигата, Чус Буено, испрати директна порака во врска со можниот проект на НБА во Европа и јасно стави до знаење дека не гледа добар исход ако американската лига тргне самостојно на европскиот пазар.
Во разговор за „Ројтерс“, Буено нагласил дека сценарио во кое НБА би покренала свое натпреварување на Стариот континент без договор со Евролигата би било штетно за двете страни.
„Ако решат да го направат тоа, ќе биде катастрофа. Тие го знаат тоа, ние го знаеме тоа и не го сакаме“, порачал првиот човек на Евролигата.
Тој открил и дека по состанокот во Комо имало разговори меѓу двете страни, но во исто време потенцирал дека ставот на сопствениците на клубовите во Евролигата е јасен. Сепак, можноста за иден договор со НБА не е целосно затворена.
„Секогаш ќе бидеме отворени за разговори со НБА за можен договор. Сепак, вака тоа нема смисла. Комуникацијата и понатаму е можна и ако нешто досега не функционирало, можеби во иднина ќе има модел што би можел да функционира“, објаснил Буено.
Посебен акцент ставил на можноста некои клубови да ја напуштат Евролигата и да се приклучат на ново натпреварување што НБА планира да го развива во Европа. Според него, таков развој не е реален, затоа што поделбата на европската кошарка би ја намалила вредноста на постојниот проект.
„Не мислам дека тоа ќе се случи. Верувам дека клубовите сакаат да бидат заедно и заеднички да работат на развојот на натпреварувањето. Тоа е она што го слушам и што сите го кажаа во Комо. Ако се поделите, губите вредност, а некој друг има корист од тоа. Една од работите што не ги сакаме е дополнителна поделба“, истакнал Буено.
Буено потсети и на финансиските последици што би можеле да ги сносат клубовите ако решат да заминат. Според неговите зборови, секој клуб што би ја напуштил Евролигата би морал да ја плати предвидената казна, а останатите клубови би имале право да бараат и дополнителна отштета.
„Ќе загубат повеќе од 80 милиони евра што ги имаат во сопственичките удели. Ако во некој момент посакаат да се вратат, ќе треба да ја платат сумата што тогаш ќе важи за повторен влез во натпреварувањето. Затоа мислам дека имаат многу да загубат ако решат да си одат“, заклучил директорот на Евролигата.
Така, односот меѓу НБА и Евролигата останува едно од најважните прашања за иднината на европската кошарка. Додека НБА размислува за пошироко присуство на европскиот пазар, од Евролигата испраќаат порака дека се подготвени за разговори, но не гледаат логика во целосно одвоен развој на двата проекти.