Дома Останати Кошарка Секулиќ им се поклони на навивачите на Барса: Тие најдобро гледаат кој игра со срце

Секулиќ им се поклони на навивачите на Барса: Тие најдобро гледаат кој игра со срце

Барселона беше поразена од Олимпијакос, но тренерот Александар Секулиќ по натпреварот не зборуваше само за резултатот. Наместо тоа, посебно го истакна односот на неговите кошаркари и силната поддршка што тимот ја добил од трибините во „Палау Блауграна“.

Секулиќ нагласи дека навивачите препознале како игра тимот и смета дека таквата поддршка не е случајна.

„Навивачите веруваат во нас, нè поддржуваат и со ваква игра мислам дека ја заслужуваме таа поддршка“, изјави тренерот на Барса.

Тој посочи дека атмосферата на натпреварот била на многу високо ниво и дека му делувала како плејоф-пресметка.

„Атмосферата беше неверојатна, имав чувство дека се игра плејоф. Поддршката беше огромна и многу ни помогна, особено во тешките моменти“, додаде Секулиќ.

Словенечкиот стратег отиде и чекор подалеку, истакнувајќи дека токму публиката е најдобриот показател дали еден тим остава сè на теренот.

„Навивачите се најдобар судија. Тие можат да препознаат дали еден тим игра со срце. Голема благодарност до нив“, порача тој.

Иако извлече позитивни работи од настапот, Секулиќ не криеше дека најмногу боли самиот пораз. Според него, во кошарката на крајот најважно е да се победи, а Барселона не успеала да ја искористи шансата против силен ривал како Олимпијакос.

„Имаше многу добри работи на овој натпревар, но ова е кошарка и тука најважно е да се победи. Имавме шанса и не успеавме“, рече тренерот.

Тој сепак потенцираше дека неговите играчи покажале карактер, успеале да се вратат во мечот и да останат конкурентни против еден од најсилните тимови.

„Најлошото е што загубивме. Најдоброто е што играчите најдоа начин да се вратат и да се натпреваруваат со Олимпијакос. Мораа да играат заедно на највисоко ниво, веруваа и продолжија напред“, објасни Секулиќ.

Тренерот на Барселона порача дека неговата идеја е тимот да работи напорно и така да влегува во секој натпревар, без страв од било кого.

„Мојата идеја за овој тим е да работи напорно и силно да игра на секој натпревар. Ги почитуваме сите, но не се плашиме од никого“, истакна тој.

Воедно призна дека тимот сè уште има простор за напредок и дека е потребно подобро заедништво на теренот.

„Треба да најдеме начин да играме заедно“, рече Секулиќ, додавајќи дека верува оти Барселона може да изгледа уште подобро од ова што го покажува во моментов.

На крајот се осврна и на спорните моменти од натпреварот, но јасно стави до знаење дека не сака да бара алиби во судењето, ниту во ситуацијата во која Кевин Пантер не добил ниту еден фаул.

„Не сакам да го оценувам тоа. Секој што го гледал натпреварот може сам да процени. Како тренер можам да зборувам за работите што зависат од мене. Немам ништо лошо да кажам“, изјави Секулиќ.

Неговата завршна порака беше дека Барселона не смее да бара изговори, туку мора да учи од грешките и да најде начин следниот пат да биде подобра.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Кошарка

Проверете

Обрадовиќ по првиот пораз: Играчите кога ќе легнат, сами проценете

Панатинаикос загуби од Хапоел Тел Авив со 81:91, а Жељко Обрадовиќ по мечот посочи дека кл…