
Последните часови од преодниот рок донесоа неверојатни пресврти, големи трансфери и одлуки кои многу навивачи ги оставија во целосна неверица.
Една таква одлука дојде од Олд Трафорд, каде Манчестер Јунајтед одби понуда која за многумина е потполно несфатлива, особено кога ќе се земе предвид статусот на играчот на кој се однесуваше.
Имено, Евертон во самата завршница на преодниот рок се обиде да го доведе Џошуа Зиркзее, откако нивниот планиран трансфер за Фоларин Балогун од Монако пропадна.
Зиркзе е на списокот на играчи на кои не се смета во Манчестер Јунајтед, а според информации од Англија, самиот холандски напаѓач беше многу заинтересиран за заминување во Евертон.
Меѓутоа, она што посебно ја изненади јавноста беше понудата која Евертон ја стави на маса. Според извештаите на Скај спортс, клубот од Ливерпул беше подготвен да плати дури 10 милиони фунти за едногодишна позајмица на Зиркзее и целосно да ја преземе неговата плата.
Сепак, Манчестер Јунајтед кажа не. Таа одлука предизвика неверица меѓу навивачите на англискиот гигант, кои сметаат дека клубот имал извонредна можност да заработи сериозни пари од играч кој во моментот не е во прв план.
„Глупаво ако е вистина. Нема да одигра повеќе од десет натпревари“, напиша еден навивач, додека друг порача дека не може да верува дека Јунајтед одби клуб што беше подготвен да плати 10 милиони за позајмица.