Екипата на Вардар утре ќе го игра еден од најважните натпревари во групната фаза против екипата на Порто.
Вардарци во натпреварот со Порто влегуваат со желба за втора победа пред домашната публика откако претходно дома го совладаа убедливо исландски Валур.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
На денешната прес-конференција зборуваше тренерот Владо Недановски.
„Знаеме колку е важен натпреварот со Порто, ако сакаме да ја поминеме групата. Во првото коло одигравме одлично на домашен терен, а потоа загубивме од Мелсунген каде што не одигравме како што посакувавме. Сепак, тоа е веќе минато, анализиравме и се подготвуваме за натпреварот. Порто е добро покриен на сите позиции, десет години играат во Европа и Лигата на шампионите, сезонава се во Лига Европа. Нема да се штедиме и да размислуваме. Победата е единствена опција. Предноста на Порто е што имаат искусни играчи во Европа, тоа не е случај со нашата екипа. Мора да сфатиме дека освен три четири играчи во овој Вардар останатите се млади и првпат играат европски натпревари. Најголемата опасност од Порто доаѓа од нивниот среден бек“, изјави Недановски.
Вардар има и повредени ракометари, а тука е и Вуко Борозан кој бил искасан од кучиња скитници.
„Имаме 4-5 повредени ракометари. Борозан шетајќи се со децата бил нападнат од кучиња и заврши во болница, има 14-15 конци. Од претходно повредени се Хориха и Пинто. Јагуриновски исто така не тренираше со полн интезитет. Повеќе за ситуацијата ќе знаеме по денешниот тренинг“, изјави Недановски.
Натпреварот помеѓу Вардар и Порто се игра утре со почеток од 20:45 часот.