
Светот на мешаните боречки вештини (ММА) е во шок по трагичната вест за смртта на младиот бразилски борец Николас Сантос, кој почина на 10 октомври на само 19 години. Веста за неговата смрт беше потврдена од специјализираниот ММА сајт Tapology.
Причината за смртта на Сантос се уште не е официјално потврдена, но неговиот клуб “Чуте Боксе” се прости од него со емотивна објава на Инстаграм, каде што се нагласува борбата со депресијата и важноста на грижата за менталното здравје.
Од клубот изјавија: „Депресијата е болка која често не можеме да ја видиме. Зад насмевката може да се крие некој кој води тивка борба. Затоа мораме да покажеме повеќе емпатија, разбирање и грижа.“
Во пораката се истакнува колку е важна поддршката од околината за луѓето кои се соочуваат со тешки периоди. „Понекогаш прегратка, збор на поддршка или едноставно слушање без осудување може да направи огромна разлика. Грижата за менталното здравје е од суштинско значење. Да бидеме хумани, соочувствителни и присутни во животите на луѓето околу нас.“
Сантос тренираше во “Чуте Боксе” во Куритиба под водство на тренерот Едо Карлос. Иако имаше само 19 години, веќе ги направи првите чекори во професионалниот ММА со резултат 4-3, а последната борба ја имаше против Ли Хамонд на настанот WOW FC во март 2026 година, кога беше поразен со предавање.