Дома Македонски спорт Мак баскет Прогласени најдобрите во македонската кошарка за 2021 година – посебно признание за генерацијата од Литванија

Прогласени најдобрите во македонската кошарка за 2021 година – посебно признание за генерацијата од Литванија

Вчера на посебна, свечена церемонија во хотелот „Лимак“ во Скопје, Македонската кошаркарска федерација ги награди најдобрите во кошаркарскиот спорт за 2021 година.  

НАЈДОБРА ЖЕНСКА МЛАДИНСКА ЕКИПА ЗА 2021 ГОДИНА


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


БАДЕЛ 1862

Не запираат, практично секоја година се тука, на врвот кога станува збор за оној младински сегмент од македонската женска кошарка. Годинава беа најдобри во М18 лигата, освоија медали и во останатите две. И повеќе од доволно да бидат екипа со најголем збир на гласовите од страна на оние со право на глас.

НАЈДОБРА МАШКА МЛАДИНСКА ЕКИПА 2021 ГОДИНА

РАБОТНИЧКИ

Имаше клубот од „Градски парк“ свои претставници на сите завршни турнири од младинските лиги ова лето. Имаат и свој шампион, во М16 лигата, или како што подобро е разбирливо, онака со спортски речник – кадетската.

Имаа сезона за паметење, но и сериозна конкуренција, но токму со двете партии на „фајнал-фор“ турнирот, докажаа дека се најдобрите!

НАЈДОБАР ТРЕНЕР НА ЖЕНСКА МЛАДИНСКА ЕКИПА ЗА 2021 ГОДИНА

АНЕТА ГЛИГОРОВА (БАДЕЛ 1862)

Главен виновник, двигател на сите успеси на јуниорскиот тим на Бадел 1862 е таа – Анета Глигорова. Или подобро кажано, само го продолжува оној континуитет, свој личен, но и клупски, на Бадел 1862.

Практично е незамисливо, овој клуб да биде без Анета, или Анета да ја нема во најтрофејниот женски кошаркарски колектив во повеќе од две децении.

Потврда за тоа беше и титулата во онаа лига која се смета за ударна – за кошаркарки „Под 18“ години…

НАЈДОБАР ТРЕНЕР НА МАШКА МЛАДИНСКА ЕКИПА ЗА 2021 ГОДИНА

АНДРЕЈ АПОСТОЛСКИ ЛЕЧИЌ (РАБОТНИЧКИ)

Се некако со брзина на светлоста се одвива во неговата тренерска кариера, па и една ваква награда, која доаѓа како резултат на макотрпната работа, и услови во кои функционира Работнички.

Не е воопшто лесно да бидеш на самиот врв во оваа категорија. А токму оваа година е таква за Андреј Апостолски Лечиќ

Тимот на кој му веруваше и тоа многу, му возврати и со шампионската титула во кадетската, или М16 лига, иако беше доста блиску да го направи тоа и во онаа „поголемата“.

Како и да е, еден одличен почеток на тренерската кариера за така млад човек…

НАЈДОБРА МЛАДА КОШАРКАРКА ЗА 2021 ГОДИНА

МИХАЕЛА АЛЕКСОВСКА (ЖКК КРИВА ПАЛАНКА)

Бисерот на Крива Паланка, најдоброто нешто од овој град во областа наречена кошарка. Михаела беше вистински лидер на својата екипа, ја донесе до титулата државен првак во М16 лигата. Не го доигра финалето, но тоа беше мотив повеќе за нејзините соиграчи да продолжат и да бидат подобри од Бадел 1862.

Михаела не застана тука, напротив… Продолжи со надградувањето на успесите со блескавите настапи на ФИБА „Челенџер“ турнирот во Тбилиси. Не ја препушти водечката роља, ги поведе нашите кадетки до првото место, до златните медали, до победничкиот трофеј кој го доделува ФИБА за најдобрите во оваа конкуренција и турнирот во Грузија.

НАЈДОБАР МЛАД КОШАРКАР ЗА 2021 ГОДИНА

ТЕОДОР СИМИЌ (БАРСЕЛОНА-ШПАНИЈА)

Важи за најмлад во нашиот сениорски тим, но и највисок. Со години си го бара своето место во каталонскиот гигант. И полека но сигурно, го реализира тоа.

Селекторот на сениорите, Драган Бајиќ, сметаше дека за Тео ќе биде подобро, покорисно, да биде дел од „А“ тимот, не само во оние летни августовски претквалификации во Скопје. Туку и за оние вистински светски „квалификации“ кои следуваа во ноември.

Дека е и тоа како подготвен за сениорските предизвици „одговори“ против актуелниот светски шампион. За 16. минути во игра, Симиќ постигна 18.поени против „црвената фурија“, ја подигна на нозе публиката во „Јане Сандански“.

За Барселона и за Симиќ е веќе класика, да се најдобри на сите оние првенства турнири во Шпанија. Тоа се подразбира!

НАЈДОБРА МЛАДИНСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ЗА 2021 ГОДИНА

ЖЕНСКА КАДЕТСКА СЕЛЕКЦИЈА „ПОД 16“ ГОДИНИ

Беа во улога на дебитантки на еден ваков тип на турнир каков што го смисли ФИБА за летоска – „Челенџерите“. Дел од конкуренцијата во категоријата на кошаркарки „Под 16“ години, која ова лето се собра во Тбилиси.

И не делуваа како такви, како екипа која за првпат игра на вакви интернационални турнири.

По ред паѓаа Малта (91:53), Албанија (72:46), Ерменија (92:22), на крајот и домаќинот, Грузија со (104:36)…

И повеќе од доволно за македонските девојчиња да ги добијат златните одличја наменети за најдобрата репрезентација на ФИБА „Челенџерот“ за кошаркарки „Под 16“ години.

Аманет кој го оставаат Ана Милованова, Анастасија Тодорова, Михаела Алексовска, Ања Даниловска, Деа Хоџа, Зорица Караѓозова, Љубица Бошкова, Марија Николов, Климентина Модева, Матеја Додевска, Божица Стоевска, Ксенија Петревска, тренерите Никола Златев, Ведран Белешковски, Форка Ѓорѓиева, за наредната генерација на млади кошаркарки, родени 2006 година и помлади.

НАЈДОБАР МАКЕДОНСКИ РЕПРЕЗЕНТ ВО СТРАНСТВО ЗА 2021 ГОДИНА

ЕМИЛ РАЈКОВИЌ (АВТОДОР-РУСИЈА/АСТАНА-КАЗАХСТАН)

Кошаркарска Македонија може да биде горда што го има Емил Рајковиќ, еден од нашите најголеми репрезенти во светот на кошарката, онаа елитната.

За него беше „стандардно“ да и донесе на Астана уште една двојна титула, на „нестандардна“ одлуката да ја промени средината за работа. По Полска и Казахстан, на ред дојде, можеби помалку и неочекувано – Русија.

Автодор Саратов беше изборот на Емил, и повторно, исто така помалку и над сите очекувања, игрите и пласманот на екипата од Самара.

Впрочем, ВТБ лигата како да е порачана за нашиот тренер. Рајковиќ ги „фати“ и го држи Автодор Саратов на челните позиции во исклучитено силното кошаркарско друштво. По осум одиграни натпревари во сезоната, е на делба на позицијата број 1 заедно со евролигашки екипи како Уникс Казан, Зенит, ЦСКА… 

Е тоа е веќе нешто, не само тренерско…

НАЈДОБРА ЕКИПА ВО 3Х3 ЗА 2021 ГОДИНА

„КИНО ВЛАЕ“- СКОПЈЕ

Важат за освојувачи на зимската лига во 3х3. Носители, освојувачи се на 10. Место на „Челенџер“ турнирот ИНГ Хамбург 2021, победници се на турнирите во Свети Николе и во Аеродром.

И повеќе од доволно за да се каже дека екипата на „Кино Влае“ од Скопје е најдобрата „баскетџиска“ за оваа година која полека но сигурно ја оставаме зад нас.

НАЈДОБАР ИГРАЧ ВО 3Х3 ЗА 2021 ГОДИНА

ЕРВИН ЦОГО („КИНО ВЛАЕ“)

Ервин Цого е 486 на рејтинг листата на најдобрите светски играчи во играта „3х3“ која ја креира Светската кошаркарска федерација-ФИБА.

Неколку години по ред, ја држеше првата позиција во Македонија, и сега е во една таква слична позиција кај нас.

Уште повисоко котира во оние европски рамки на оваа се попопуларна игра. Во овој момент е активен чинител, активен дел на деветторангираниот тим во „3х3“ во светот – швајцарската Лозана. А тоа не мала работа, мора да се признае!

НАЈДОБАР СУДИЈА ЗА 2021 ГОДИНА

ИГОР МИТРОВСКИ

Континуитетот во судењето, тоа е една од основните карактеристики на најдобриот од оние кои ја делат кошаркарската „правда“ на терените ширум Македонија.

Игор Митровски го држи својот кошаркарски континуитет со години наназад. Онака како што најдобро знае и умее. Знае да ги подреди сите оние професионални обврски со оние приватните… И да, не му е првпат да се најде во оваа улога, најдобар македонски судија…

Бројката на гласови е голема, доказ и за некои повисоки, трајни судиски вредности.

НАЈДОБРА ЖЕНСКА ЕКИПА ВО СЕНИОРСКИ ЛИГИ ЗА 2021 ГОДИНА

БАСКЕТ КАМ 2011

Полека го формираа победничкиот мозаик, и онака ударнички, рударски стигнаа до целта – трофеите.

И тоа не еден, туку – два. Најважните, се разбира.

За прв пат во историјата на Македонска Kаменица, кошаркарките на Баскет Кам 2011 му подари победнички, шампионски пехари. Без конкуренција најдобри и во националниот Куп „Благоја Георгиевски-Буштур“, и во државниот шампионат, каде по втор пат беа подобри од својот голем конкурент – Бадел 1862!

НАЈДОБРА МАШКА ЕКИПА ВО СЕНИОРСКИ ЛИГИ ЗА 2021 ГОДИНА

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ

Клубот од Аеродром е еден од најконстантните во нашата елитна кошарка. Особено во последните десетина години. Конкуренција секогаш постоела и ќе постои, но популарните „металци“ успеваат да се носат со неа.

И оваа година стигнаа до „двојната круна“. Беа најдобри во Купот, беа доминантни и во финалната серија од плеј-офот каде против себе имаа одличен ривал – Еуро Никел 2005.

И го победија по втор пат за кратко време!

НАЈДОБАР ТРЕНЕР ВО ЖЕНСКА СЕНИОРСКА ЕКИПА ЗА 2021 ГОДИНА

АЛЕКСАНДАР АШАДАНОВ (БАСКЕТ КАМ 2011)

Беше на вистинското место, во вистинско време Александар Ашаданов во оваа изминувачка 2021 година.

Ја доби довербата како прв тренер да ги бие оние одлучувачки битки за трофеите кои му претстоеја на Баскет Кам 2011. Одговори на довербата на најдобар можен начин, прво со освојувањето на победничкиот пехар во Купот, а нешто потоа и во првенството.

Во меѓувреме, ја смени клупската средина, се врати во Вардар, а ја доби и довербата на Стручниот совет на федерацијата, да го предводи женскиот сениорски национален тим во квалификациите за Евробаскетот 2023.

Апсолутно заслужено!

НАЈДОБАР ТРЕНЕР ВО МАШКА СЕНИОРСКА ЕКИПА ЗА 2021 ГОДИНА

ГОРАН САМАРЏИЕВ (ЕУРО НИКЕЛ 2005)

Фановите, клубовите, и медиумите, сите оние со право на глас „пресудија“ дека оваа награда треба да ја добие токму тој – Горан Самарџиев.

Со она што го имаше на располагање, направи вистинско мало чудо. Го донесе Еуро Никел 2005 до натпреварите во кои се одлучува за трофеите. Но она што повеќе се вреднува, со игра која ги тера навивачите да се вратат назад во салите и покрај сите оние здравствени забрани поврзани со пандемијата.

Тоа е оној момент кој се цени, понекогаш и повеќе од пехарите, особено што е креиран од еден млад тренер, пред кого, евидентно, очигледно е кариера!

НАЈДОБРА КОШАРКАРКА ЗА 2021 ГОДИНА

АНЏЕЛИКА МИТРАШИНОВИЌ (БАСКЕТ КАМ 2011/ТАРБЕС/ФРАНЦИЈА)

Откако го донесе Будуќност во оние „мирни води“ во кои на екипата од Подгорица и не и беше потребна нејзина помош, Анџелика Митрашиновиќ одлучи дека сезоната треба да ја заврши дома, во Македонија.

Одбра да игра за екипата на Баскет Кам од Македонска Каменица, и се разбира, не погреши.

А кога веќе реши да се врати, беше јасно дека е кандидат број 1 за освојување на сите поединечни, но и колективни награди и трофеи.

Капитенот на нашата женска сениорска репрезентација одговори на домашниот предизвик. На Македонска Каменица, заедно со соиграчите, секако, и подарија два шампионски пехари, за прв пат во историјата.

Себеси се промовира во најкорисен играч на финалето на плеј-офот. Па доби договор кој не се одбива, и поради кој повторно мораше да ги пакува куферите. Да се (пре) сели во Франција, во Тарбес, каде е дел од Европа.

Апсолутен број 1 во македонската женска кошарка, Анџелика Митрашиновиќ!

НАЈДОБАР КОШАРКАР ЗА 2021 ГОДИНА

АНДРЕЈ МАГДЕВСКИ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ/ПЛОЕШТИ-РОМАНИЈА)

Ова всушност претставува обединување на двете престижни награди во мак-баскетот за него, откако пред некоја година ја понесе титулата за најдобар млад кошаркар.

Сега Андреј Магдевски е најдобриот меѓу најдобрите во изборот, потполно заслужено ако се земе в предвид дека беше еден од носителите на играта на МЗТ Скопје во сезоната во која клубот од Аеродром ги освои главните пехари.

Ќе ја памети долго финалната серија, особено последниот меч во сезоната, кога беше прогласен за најкорисен играч во серијата која го даде новиот шампион на Македонија.

Беше стандарден во изборот на селекторот Бајиќ за светските претквалификации, остана во тој ранг и за квалификациите.

Во меѓувреме, се чини како награда за сработеното, стигна и договорот со романскиот Плоешти, каде веднаш покажа дека Романците не погрешиле во изборот на играч кој успешно ја покрива плејмејкерската позиција.

„ВЕЛИЧЕСТВЕНИТЕ“ ОД ЛИТВАНИЈА

Македонската федерација не заборави на еден, не баш така мал, јубилеј. Десет години од најголемиот успех во историјата на македонската кошарка. Освојувањето на четвртото место на Европското првенство во 2011 година во Литванија.

Уште еднаш, на исто место се најдоа најголем број од членовите на славниот македонски тим кој пред десет години тргна во поход на Европа во срцето на Балтикот.

Посебни признанија, како потсетување на најголемиот успех во историјата добија: Димитар Мираковски, Владо Илиевски, Дарко Соколов, Лестер Мекејлеб, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Тодор Гечевски, Перо Антиќ, Ивица Димчевски, Ѓорѓи Чековски, Предраг Самарџиски, Марин Докузовски, Марјан Лазовски (постхумно), Марјан Србиновски, Благоја Кечовски, Сандро Бенкардино, Врбица Стефанов, Михаило Маноилов, Ненад Попоски, Никола Николовски, Зоран Крстевски, Иван Ивановиќ, Даниел Димевски, Дејан Лекиќ и Илија Мерџановски.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Мак баскет

Проверете

ПСЖ го сака Рашфорд, му нуди трампа на Јунајтед

Луис Енрике сака да го засили нападот во зимскиот преоден рок, а прва желба е ѕвездата на …