Жозе Мурињо може да биде исклучително задоволен од начинот на кој Манчестер Јунајтед ја започна сезоната како во Премиер лигата, така и во Лигата на шампиони.
Сепак, повредата на Пол Погба сигурно го загрижува со оглед на фактот што Французинот е еден од клучните играчи во неговиот тим.
Меѓутоа, „Специјалниот“ во медиумите не се жали на фактот што го нема Погба во тимот, а сега објасни и зошто.
„Никогаш не ни недостасуваат фудбалерите кои се повредени. Тоа е нашиот начин на размислување. Тие се повредени и не мислиме на нив. Тоа е шанса за другите да добијат шанса и да покажат што знаат, тоа е добра работа“, изјави Мурињо.
„Ако постојано се жалиме поради повредите, тоа делува како да не им веруваме на другите фудбалери, а мораме да им веруваме“, заклучи „Специјалниот“.
Погба има повреда на бутниот мускул и ќе се лекува со конзервативна терапија, па се уште не се знае точно кога ќе се врати на терените.