Дома Фудбал Англија Милионска заработка на туѓ грб: Најголемата измама во спортот која сè уште трае

Милионска заработка на туѓ грб: Најголемата измама во спортот која сè уште трае

Велат, ако украдеш 100 евра, те сметаат за крадец, ако украдеш 100 милиони евра, тогаш те сметаат за успешен бизнисмен.

Американскиот богаташ Малком Глејзер, сопственик на Tampa Bay Buccaneers, стана сопственик на Манчестер Јунајтед во 2005 година. Го купи за 800 милиони фунти, а сегашната продажна вредност на клубот надминува 2 милијарди. Неговите деца, наследниците на семејното богатство, ги очекува огромна заработка кога (и ако) ќе се одлучат да го продадат клубот, бидејќи ќе има многу заинтересирани, сега, кога е јасно дека големите фудбалски клубови можат да бидат многу профитабилни.


Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓


Во светот на капитализмот таквите нешта се сосема нормални. Колку ние навивачите и да имаме проблем со тоа клубовите во кои сме ги вложиле сите наши емоции од целиот живот да бидат преземани од некои кои клубот го гледаат само како извор на пари, ситуацијата нема да се смени.

Повеќето сопственици, поточно сите освен семејството Глејзер, ги купиле клубовите со сопствени пари, а често мораа да ги исплаќаат и нивните претходни долгови (Абрамович, на пример, вложи 140 милиони свој кеш за да го купи Челзи и да го избрише борчот од клубот во висина од 80 милиони фунти, направен поради тоа што Кен Бејтс претходно трошел непропорционално големи суми на фудбалери). Оние со поголеми амбиции, после купувањето, вложуваа нешто во клубовите – Челзи и Манчестер Сити се најекстремни примери за тоа, тие добија од своите сопственици неповратно по повеќе од една милијарда фунти, а пристојни суми вложуваа и десетина сопственици на помали клубови.

Со семејството Глејзер не беше така. Тие Јунајтед го зедоа на кредит, му натоварија на клубскиот грб огромен долг, за 12 години не инкасираа буквално ниту пени во клубската каса, а во последните две години дополнително исцицаа од него 33,3 милиони фунти во вид на дивиденди, пренесува sportklub.rs

Предигра

Од излегувањето на берзата кон крајот на ’80-те години на минатиот век, Манчестер Јунајтед беше доста популарен избор меѓу оние кои сакаа да вложуваат во спортските клубови. Иако тогаш уште не беше започната фудбалско-медиумската револуција, која таа игра за само четврт век ја претвори во индустрија вредна 20 милијарди евра годишно, иако тогаш клубовите уште беа вистински дупки без дно за сопствениците, беше лесно да се претпостави дека најпопуларниот англиски клуб има голем комерцијален потенцијал.

Јунајтед во тој период на теренот не ја следеше својата репутација, домашната титула ја чекаа повеќе од две децении, европските трофеи речиси еднакво исто толку. Но, од самиот старт на ’90-те, почнувајќи од ФА купот во 1990 и Купот на куповите една година подоцна, нештата почнаа да се менуваат. Од самото иницирање на Премиер лигата, Црвените ѓаволи ја презедоа доминатната улога, освоија седум од првите девет титули во реконструираното натпреварување, а успехот го зачинија и со пехар во Лигата на шампионите и тројна круна во 1999 година.

Додека фудбалот го освојуваше светот, ширејќи се со незапирлива брзина во Азија, Африка, Северна Америка, клубот од Олд Трафорд за многумина љубители на најубавата игра стануваше прв избор. Култните херои, како Ерик Кантона и Рој Кин, помогнаа да се продолжи традицијата од времето на „Бебињата од Безби“, а момците кои денес ги знаеме како „Класата ’92“, нештата ги подигнаа на едно сосема ново ниво. Меѓу нив посебно се издвојуваше Дејвид Бекам, како клучна икона на светскиот фудбал на преминот на вековите и човек кој во комерцијален потенцијал ја надминуваше секоја конкуренција, дури и оние малку подобри фудбалери од него на планетарно ниво.

Таквиот развој на ситуацијата нужно ги наведе многумина од светските тајкуни да посакаат да преземат финансиска контрола врз клубот. Навивачите жестоко се противеа на преминот во рацете од некој кој со фудбалот нема никаква врска. Во неколку наврати, во текот на ’90-те, милијардерите се обидуваа да го купат Јунајтед, а посебно беше упорен медиумскиот могул Руперт Мардок (би било интересно да се види какви импликации би имало кога истиот човек кој е сопственик на телевизијата која ја „изгради“ Премиер лигата го поседува и нејзиниот најуспешен клуб). Секој пат кога ќе имаше такви намери на повидок, општонародниот бунт ја спречуваше продажбата.

Во летото 2005 година, сепак, ништо не помогна за да се спречи продажбата на Манчестер Јунајтед. Глејзер долго се спремаше за тоа, уште од почетокот на 2003 година кога имаше 3,17 насто сопственост, до крајот на годината да има околу 15 насто, а до септември 2004 година да биде сопственик на над 28 насто од клубот. Тоа е важно, бидејќи по закон штом се надмине сопствеништво од 30 насто, тој сопственик е должен да понуди откуп на преостанатите акции на сите останати сопственици на клубот.

Големата игра

Клучниот момент веројатно беше случајот „Гибралтарската карпа“. Сер Алекс Фергусон од двајцата големи ирски акционери, Џон Магниер и Џон Патрик Мекманус, го доби на поклон тркачкиот коњ The Rock of Gibraltar. Проблемот настана кога дојде време Rock of Gibraltar да стане татко – Ферги сметаше дека има право и на потомоство, но Ирците не се сложуваа со тоа, а после конфликтот кој дојде и до медиумите, Ирците одлучија да се повлечат од фудбалот и да го продадат својот завиден акционерски сопственички удел во клубот (28,95 насто) токму на Глејзер.

Така, за време на пролетта 2005 година, траеше акцијата за преземање на клубот во неколку чекори, а истата се заврши на 22 јуни истата година, кога после повеќе од една и пол деценија, Манчестер Јунајтед беше повлечен од берзата. Американецот со литванско-еверјско потекло целиот тој процес го чинеше 800 милиони фунти.

Имаше само еден мал проблем. Глејзер ги немаше парите кои му беа потребни. И не му недостасуваше баш мал дел. Можеше да собере само една третина од неопходните пари за откупување на мнозински пакет акции,околу 265 милиони фунти.

Меѓутоа, господинот од Флорида најде дупка во законот (која непосредно после оваа продажба беше „закрпена“, но беше предоцна за Јунајтед). Зеде кредит од 525 милиони фунти кои во истиот миг, како долг, ги префрли на грбот на самиот клуб. Така, „де факто“, фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед го купи за половина цена. За да се приближи појасно до читателите и да се стави во контекст целата ситуација, клубот таа сезона заработи 164 милиони фунти, што значи дека кредитот изнесувал 3,2 годишни приходи на Јунајтед, а веќе до склопувањето на договорот долгот од 660 милиони фунти веќе беше четири пати поголем од заработувачката.

Долгот кој го наметна Глејзер врз клубот го смени односот на силите во европскиот фудбал. За разлика од помалку или повеќе сите останати клубови во врвот на англискиот и европскиот фудбал, Јунајтед со децении наназад имаше фантастично менаџирање (не должел ниту пени уште од 1931 година), цело време заработуваше повеќе отколку што трошеше, а бидејќи според приходите константно беше во врвот, меѓу трите најголеми клуба во Европа, беше јасно дека ги има сите предиспозиции да биде доминантен на континентот.

Додека сите останати клубови таложеа долгови поради недоволно доброто менаџирање (читај носење фудбалери кои реално не можеа да си ги дозволат или вложување во инфраструктура над реалните клупски капацитети и можности), клубот од Олд Трафорд одеднаш доби камен околу вратот буквално без никаква реална потреба и причина. Од тој момент, челниците на „Црвените ѓаволи“, покрај редовните трошоци, мораа редовно да плаќаат камата и дел од главнината на долгот. На клубот му требаше повеќе од половина деценија за да се опорави (во јануари 2010 година долгот на клубот изнесуваше рекордни 716 милиони фунти) и да постепено да започне да го намалува долгот.

Бројките се застрашувачки. Од преземањето во 2005, на име на камата и делови од главнинскиот долг, Јунајтед има отплатено повеќе од 700 милиони фунти (третина повеќе од првичниот кредит), а долгот оваа пролет, 2017 година, изнесува 366,3 милиони фунти. Од денешен агол, нештата изгледаат поинаку, ако се знае дека проектираната заработувачка за тековната година се очекува да биде од 560 до 570 милиони фунти, што значи дека долгот е две третини од годишните приходи на клубот, петкратко помал удел од пред 12 години.

Враќање на берзата

Навивачите никогаш не ги прифатија сопствениците. Редовно ги пречекуваат со свирежи, повремено и со насилни протести, а за време на 2010 година речиси целиот стадион беше во златно-зелена комбинација, која ги симболизираше оригиналните бои на Њутон Хит, клубот кој во 1902 година прерасна во Манчестер Јунајтед, и која противниците на Глејзер ја зедоа како симбол на своите протести.

Најекстремните отидоа толку далеку што иницираа свој клуб, United of Manchester FC, кој во меѓувреме успеа да се пробие во шестата лига (две нивоа под професионалниот фудбал), изградија сопствен стадион со над 5.000 места, а преку ФА купот стигнаа и на ТВ екраните ширум цел свет.

Наспроти тоа, односот на Фергусон кон сопсвениците секогаш изгледаше необичено, бидејќи на секој чекор го поддржуваше семејството Глејзер, дури и кога јавноста недвојбено беше против нив. Со него на клупата клубот ќе помине низ уште еден златен период, со пет нови титули и Лига на шампионите во 2008 година, пред влегувањето во нова криза во 2013 година.

Во меѓувреме, стариот Малком Глејзер почина на Флорида пред три години, без притоа ниту еднаш да не го посети Олд Трафорд, а клубот го презедоа неговите наследници, петте сина и едната ќерка. Со надеж дека ќе создадат уште еден начин за привлекување живи пари во своите џебови, тие одлучија дел од акциите да ги пуштат на њујоршката берза во август, 2012 година. Логично, го почекаа моментот кога стана јасно дека во годините кои доаѓаат клубот неминовно ќе биде во голем плус, наспроти долговите кои и понатаму се тука.

Минатата година дојде време да се собере првата дивиденда. За моќното семејство тоа значеше 15 милиони фунти дополнителна заработка. Не само што се сопственици на институцијата која на денот на евентуалната продажба ќе им донесе фантастично богатство, туку од неа заработуваат и сума која многу елитни менаџери не би ја одбиле ниту како годишна плата.

Во јануари, 2017, Делоит во својот годишен извештај објави дека после повеќе од една деценија (и прв пат откога сопственци се семејството Глејзер) Манчестер Јунајтед ги надмина Реал Мадрид и Барселона, и дека во сезоната 2015/16 бил клуб со најголема заработка на светот. Сето тоа во годината кога на теренот не избори ниту место во Лигата на шампионите.

На ова место и за ова на Глејзер треба да им се оддаде и признание – нивна е заслугата што клубот го искомерцијализираа до таа мера што имаат и свои трактори, свои нудлс производи, сладоледи, модни линии, а во крајна линија и банка на Балканот. Дури и еден Баерн, зад кој стои комплетната индустрија на најбогатата европска покраина, не може да држи чекор со Јунајтед на комерцијален план. Тоа е работа која Ед Вудворд ја одработи фантастично, за разлика од оној кој работи како спортски директор.

Во вторникот, 16 мај, 2017 година, беше објавен новиот финансиски извештај, оној кој навести дека приходите на клубот одново ќе пораснат, иако од европските натпреварувања имаат многу помали приходи од учесниците во Лигата на шампионите.

Исто така, беше откриено дека дивидендата на семејството Глејзер за втората сезона од враќањето на берзата е 18,3 милиони фунти, 22 проценти поголема од една година претходно.

Малком Глејзер при преземањето на клубот вложи нешто под 275 милиони фунти свои пари. Досега, на неговото семејство или на банките (во негово име), клубот им исплати скоро 750 милиони фунти. Некој од овие денови, можеби и утре, можеби и по 10 години, Глејзер клубот ќе го продадат за барем 2 милијарди фунти. Буквално на финта, семејството Глејзер, на една вложена фунта заработи 10 фунти за само 12 години. Бизнисмени без преседан.

А крајот уште не се гледа. Рон Берон, легендарниот американски инвеститор, кој во 2013 година Манчестер Јунајтед го вклучи во најважните имиња во својот фонд, заедно со Tesla Motors, процени дека годишниот приход на Јунајтед во 2020 година ќе достигне речиси една милијарда фунти, а вредноста на клубот ќе биде помеѓу 5 и 5,5 милијарди фунти. Поради тоа, тој моментално е сопственик на 10 проценти од сопственичките акции во Јунајтед, односно околу половина од сите понудени на њујоршката берза. Во секој случај, семејството Глејзер не би требало да брза со потезите.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Англија

Проверете

Малку недостасувало за трагедија: Бендтнер нападнат со нож на улица во Њујорк! 🎥

Поранешниот дански фудбалер Никлас Бендтнер бил нападнат со нож на улиците во Њујорк. Инци…