Македонија повторно е во фудбалска еуфорија и само неколку месеци по историскиот настап на ЕУРО 2020, можеме да обезбедиме бараж за пласман на СП во Катар. Каква само историја би било тоа.
Во Скопје гостува Исланд на кого сме му благодарни за ремито во Романија, но од друга страна тоа е селекција против која мораме да ги освоиме трите бода ако сакаме Мундијал.
Се е во наши раце
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Победата пред неколку дена над Ерменија од неверојатни 0:5 се случи во вистинско време. Многумина стравуваа од тоа гостување, но бевме одлични, брилијантни и по трите бода веќе сите погледни беа свртени кон Букурешт. Таму, Романија не смееше да слави над Исланд и се случи токму тоа – конечни 0:0.
Сега се е во наши раце и било каква победа не води меѓу 12-те селекции кои во март ќе разигруваат за последните три места на Мундијалот во Катар.
Летово дебитиравме на Еуро 2020, а сега од се чека уште поголем успех, да се направи нешто што до пред неколку години беше „научна фантастика“ за Македонија.
Водиме со еден бод пред Романија, но тие играат со Лихтенштајн и секако ќе ги освојат трите бода, па затоа ние мора да одиме по победа над исланѓаните.
Ремито на Исланд, нека ни даде пример
Исланд ни е должик од пред два месеци, кога во последните 12 минути наместо три бода и победа освоивме само бод. Но и не мора премногу да жалиме за тоа реми, доколку во недела славиме победа. Сепак, да се потсетиме. Имавме игра на Исланд и бевме убедливи и подобри во сите сегменти на фудбалската игра.
Но, кога сите очекуваа мирна завршница, се случи шок и два брзи гола за Исланд за конечни 2:2. Тоа реми може да не кошта многу овие квалификации, но од друга страна сега може да ни биде поттик за победа на овој меч.
Доколку Македонија одигра на ниво како на Исланд, ќе слави победа и во тоа дилеми нема. Не може Исланд повторно да се надева на среќа.
Се враќа Ристовски во првиот тим
Сер Боби Милевски не би требало да менува премногу во однос на натпреварот во Ерменија. Единствена новина во националниот тим е враќањето на капитенот – Стефан Ристовски. Тој ја прележа суспензијата од еден меч поради жолти картони во Ерменија и сега ќе стартува на десната бековска позиција. На тоа место во Ерменија играше Ашковски и токму тој беше еден од најдобрите на теренот, па сега Милевски си има мака да го седне на клупа. Но нема дилема дека Ристовски ќе стартува десно. Ако мора да се најде место за Ашковски, тоа ќе биде на друга позиција.
Одбраната ќе бида стандардна со Муслиу, Велковски, Алиоски и Ристовски, во средината ќе бидат Барди и Костадинов. Третиот играч е дилема. Можно е да игра Елмас како против Ерменија, заедно со Трајковски, Чурлинов и Ристовски.
Но може Елмас да оди на крило на местото на Трајковски, а на негово место но во средината да стартува Спирковски во една не толку офанзивна варијанта. На што и да се одлучи селекторот едно е јасно – Македонија ќе нападне.
Исланд нема со што да изненади
Исланд нема со што да не изненади. Селекторот Видарсон прави промена на генерациите и во тимот има целосна мешавина на искусни и млади фудбалери. Но тоа оди од крајност во крајност, па можно е во првиот тим да има фудбалери со 18 години, но и со 38 години.
Голема е веројатноста дека Видарсон нема да прави измени во својот состав, освен можеби во средниот ред каде секако главен играч е Бјарнасон. Ќе играат претпазливо и ќе чекаат шанси од контра напади, онака како што беше на првиот меч и онака како што беше во Романија пред неколку дена. Ќе играат на долги топки и ќе се обидат својата физичка сила да ја претворат во предност. Сепак, тоа е веќе добро познато и затоа велам – Исланд нема со што да изненади на овој меч.
Фото: ФФМ