
Unboxing: Што е ново во студиото на BMG Network!? ↓↓↓
Германскиот играч за врска Јулијан Дракслер (29) го напушти Пари Сен Жермен и кариерата ќе ја продолжи во Ал Ахли, соопштија францускиот и катарскиот клуб.
Дракслер, кој игра за ПСЖ од 2017 година, потпиша двегодишен договор. Во Катар, Германецот му се придружи на друг поранешен играч од средниот ред на Париз, Марко Верати, како и на дефанзивецот Абду Диало.
За ПСЖ забележа 198 настапи, постигна 26 гола, а минатата сезона ја мина на позајмица во Бенфика.
Во текот на кариерата играше и за Волфсбург и Шалке. За германската репрезентација забележа 58 настапи и постигна седум гола. Веднаш по објавувањето на овој трансфер, Марка објави дека УЕФА покренала истрага против ПСЖ.
Спорни се тие три трансфери од ПСЖ, клуб во сопственост на Катарци, во клуб од Катар. Марко Верати беше продаден за 45 милиони евра, Абду Диало за 15 милиони, а Јулијан Дракслер за 9 милиони евра. Така, ПСЖ од тие трансфери заработи вкупно 69 милиони евра.
Доколку истрагата покаже дека овие трансфери се направени само за да му се вбризгаат пари на ПСЖ потребни за исполнување на финансискиот фер-плеј, можно е УЕФА да ги замрзне овие пари и да одбие да ги запише во пресметката на ФФП.