Поранешниот француски фудбалер Тиери Анри изјави дека во текот на својата играчка кариера страдал од депресија, болест која ја поврзува со детството, а која избила на површина за време на пандемијата на корона вирусот кога работел во Канада.
„Лажев многу долго, бидејќи општеството не беше подготвено да слушне што имам да кажам“, изјави Анри за англиски подкаст.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Селекторот на младата француска фудбалска репрезентација изјави дека оваа непријатност го следела во текот на сите години кога блескал со топката, без да биде свесен за тоа.
„Во текот на мојата кариера и откако се родив, сигурно бев депресивен. Дали знаев? Не. Дали направив нешто за да го поправам тоа? Не. Но, се прилагодив на одреден начин на живот. Во животот мора нога пред нога и да одите. Така ми зборуваа уште од мал. Никогаш не престанав да одам, освен за време на ковид, кога веќе не можев да издржам. И тогаш почнуваш да сфаќаш“, изјави најдобриот стрелец во историјата на Арсенал.
Анри ја заврши играчката кариера во 2014 година и почна да се занимава со тренерска работа. Прво работеше како асистент во репрезентацијата на Белгија, потоа во Монако, а од 2019 до 2021 година во Монтреал.
Тој рече дека за време на пандемијата на коронавирус бил одвоен од неговите деца кои останале во Европа една година, бидејќи работел во Канада и додаде дека речиси секој ден плачел без причина.
„Солзите течеа сами. Зошто? Не знам, но можеби беа таму многу долго. Технички тоа не бев јас плачев за се што не добивав одобрение“, изјави 46-годишниот Анри.
Овие проблеми ги поврзува со детството и постојаната потрага по одобрение од татко му, кој често ја критикувал неговата игра.
„Кога бев мал, луѓето секогаш ми велеа: „Не си го правел тоа добро“.
Како тинејџер тој ги постигна сите шест гола во победата на неговата екипа од 6-0 и се сеќава на неговиот татко кој му рекол да не се задоволува со тоа, велејќи му: „Ја промаши таа шанса, го пропушти тоа додавање“.
Анри важи за еден од најдобрите напаѓачи на сите времиња и еден од најдобрите напаѓачи во Премиер лигата. Доби бројни индивидуални награди, беше прогласен за најдобар играч во историјата на Арсенал, чиј е најдобар стрелец со 228 голови.