
УЕФА објави дека му изрече строги дисциплински мерки на ФК Партизан поради инциденти на натпреварите во Европа против Хиберниан и Олександрија, кои вклучуваат парична глоба и делумно затворање на стадионот на Хумска за следниот натпревар на домашен терен.
Според објавените детали, на Партизан му е наложено да плати вкупно 90.250 евра, како и да затвори 10.000 седишта на источната трибина. Оваа мерка може да се пренесе и во наредната сезона ако клубот не одигра уште еден европски натпревар дома оваа сезона.
ВАР во македонскиот фудбал – Разговор со Дејан Јакимовски | Уште еден поткаст
Дисциплинската комисија на УЕФА наведе повеќе прекршоци како што се фрлање тврди предмети на теренот, палење на факели, употреба на ласери, “непристојни пораки” на трибините, а како особено сериозен прекршок беше истакнато расистичкото и дискриминаторското однесување, како и блокирање на минувањето.
„ФК Партизан Белград да се казни со 50.000 евра и да се наложи делумно затворање на стадионот на ФК Партизан Белград (т.е. вкупно 10.000 соседни седишта, вклучувајќи го и источниот сектор), за време на следниот (1) натпревар на клубот во европско натпреварување каде Партизан ќе биде домаќин, поради фрлање предмети, како и расистичко и/или дискриминаторско однесување од страна на навивачите“, пишува во соопштението на Дисциплинската комисија на УЕФА.
Покрај тие 50.000 евра, останатите парични казни се распределени според видот на прекршок: 12.000 евра за блокирање на минувањето, 17.500 евра за непристојни пораки, 8.000 евра за ласери и 2.750 евра за пиротехника.