
Американскиот претседател Доналд Трамп објави заеднички проект помеѓу Бордот за мир и ФИФА на првата сесија од овој комитет во Вашингтон, истакнувајќи ја приликата да зборува и за продажбата на билети за Светското првенство.
Трамп соопшти дека ФИФА ќе помогне во собирањето на 75 милиони долари за иницијативи поврзани со фудбалот во Газа, вклучувајќи изградба на нови терени и привлекување на водечки светски играчи.
Спорт што не познава граници - Street Workout Macedonia | Уште еден поткаст
“Задоволен сум што можам да објавам дека ФИФА ќе помогне да се соберат вкупно 75 милиони долари за проекти во Газа. Верувам дека тие се поврзани со фудбалот, каде ќе се уредуваат терени и ќе се донесат најголемите светски ѕвезди, луѓе многу познати, дури и повеќе од нас, нели, Џани? Запознав една од вашите големи ѕвезди која ја посети Белата куќа, како што знаете, мојот син беше многу возбуден. Тоа се извонредни луѓе. И ова е само почеток, бидејќи Џани ќе донесе познати личности во овој регион. Во Газа ги познаваат сите, зар не,” вели Трамп.
На сесијата, Трамп изрази благодарност кон претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој му додели првата награда за мир од ФИФА, откако не успеа да ја добие Нобеловата награда за мир, оценувајќи го тој потег како „мудар“.
Истовремено ѝ честиташе на ФИФА за рекордната продажба на билети за Светското првенство, истакнувајќи дека организацијата “го надмина секој досегашен рекорд во историјата на фудбалот”.
Инфантино нагласи дека соработката на ФИФА со Бордот за мир претставува „вистинско партнерство“, истакнувајќи дека обнова на Газа бара не само инфраструктурни промени, туку и враќање на „емоциите, надежта и довербата“. Тој додаде дека фудбалот може да има важна улога во поддршка на мировните напори.