
Александар Трајковски истакнува дека македонската репрезентација треба да пристапи со максимална сериозност кон првиот плеј-оф натпревар против Данска за пласман на Светското првенство.
Напаѓачот, кој пред четири години со историски гол во Палермо против Италија го донесе тимот до финалето за СП 2022, верува дека новата енергија и единството во тимот можат да донесат позитивен резултат.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
„Со нов селектор доаѓа нова енергија и нова визија. Мислам дека добро ќе се подготвиме за овој натпревар. Вчера првпат се приклучив и навистина видов одлична атмосфера и квалитетен тренинг. Ако продолжиме вака, ќе бидеме максимално подготвени. Искрено, ова е еден од најважните натпревари во мојата кариера на репрезентативен план. Нема поубаво чувство од победа во вакви моменти и можност да се бориш за пласман на Светско првенство. Се надевам дека ќе успееме да го повториме успехот од Палермо. Ова е фудбал, се игра еден натпревар и сè е можно. Ќе ја анализираме Данска, ќе ги бараме нивните слабости и ќе се обидеме да ги искористиме. Само така можеме да дојдеме до посакуваниот резултат“, кажа Трајковски.