
Летниот трансфер период носи многу промени, а се чини дека Марко Асенсио наскоро ќе го промени својот клуб и ќе ја продолжи кариерата во Италија. Според италијанскиот новинар Алфредо Педула, 29-годишниот шпански напаѓач го привлекува вниманието на милански Интер.
Интересот на италијанскиот вицешампион не е неочекуван, бидејќи Нераѕурите веќе се обидоа да го ангажираат Асенсио во јануари годинава. Шпанецот се врати во ПСЖ ова лето по шестмесечна позајмица во Астон Вила, но тренерот Луис Енрике веќе не смета на него.
Вардар, Работнички, Силекс, Шкендија – Кој ќе блесне во Европа!? ↓↓↓
Интер активно бара засилувања на напаѓачките позиции. Иако разгледуваa и поскапи варијанти, Асенсио е играчот кој одговара на нивните потреби. Фудбалерот е заинтересиран за трансфер во миланскиот клуб, но се уште не се разговарало за деталите околу договорот.
Покрај Интер, интерес за Асенсио покажал и турскиот Фенербахче. Клубот од Истанбул му нуди тригодишен договор со опција за продолжување на уште една сезона и годишна плата од пет милиони евра. Засега не е јасно што Интер е подготвен да понуди.
Асенсио има договор со ПСЖ до летото 2026 година, што значи дека отштетата не треба да биде висока, особено затоа што парискиот клуб сака да се ослободи од Шпанецот. Да потсетиме, дојде во ПСЖ без отштета во 2023 година откако замина од Реал Мадрид, а претходно играше и за Еспањол и Мајорка.
Во дресот на Реал Мадрид има 248 настапи, со 57 голови и 17 освоени трофеи, додека за парискиот клуб има одиграно 47 натпревари со седум голови и 11 асистенции, и освоил шест трофеи. За шпанската репрезентација има 38 настапи и два гола. Transfermarkt ја проценува неговата вредност на 20 милиони евра.