
Ливерпул ја започна новата сезона со високи амбиции, но последните седмици некако почнува да личи на тим без интензитет и креативност наместо да нуди добри партии и победи.
Во последните три натпревари од Премиер Лигата, Ливерпул запиша порази. Ситуацијата се затегна со поразот на домашен терен од Манчестер Јунајтед во неделата.
Ќе го решиме проблемот со отпадот ако го гледаме како ресурс, а не како ѓубре! | Уште еден поткаст
Сериозните прашања кои произлегоа поради неуспесите се фокусирани и на Мохамед Салах. Капитенот на Црвените, кој долги години беше главната фигура на тимот, сега минува низ можеби најтешкиот период од доаѓањето на Анфилд.
Салах веќе не изгледа толку експлозивно, губи во двобои што порано ги добиваше со леснотија, а неговата улога во играта е многу помалку доминантна. Последниве неколку натпревари е бледа сенка од минатите сезони, што би можело да го натера Арне Слот да преземе радикална одлука.
Според зборовите на легендата на клубот, Џејми Карагер, Египќанецот би требало да започне од клупа во следните два натпревари, и објасни зошто.
„Ливерпул има две гостувања – во Лигата на шампиони против Ајнтрахт, а потоа игра против Брентфорд. Мислам дека Салах не би требало да започне во двата натпревари,“ изјави Карагер за Sky Sports.
„Секогаш треба да биде стартен на Анфилд бидејќи Ливерпул доминира на домашен терен, но во гостувањата, кога треба да помогне во одбраната, Салах не би требало да е прв избор, посебно не во оваа форма“.
Низата негативни резултати доаѓа и покрај тоа што се потрошени 446 милиони фунти за засилувања во трансфер периодот, а Карагер изјави дека менаџерот Арне Слот треба да изгради тим околу Александер Исак и Флоријан Вирц.
„Тие се играчите кон кои треба да се концентрира затоа што се млади и перспективни во споредба со Салах,“ рече Карагер.
Ливерпул е четврти во лигата со 15 бодови од осум натпревари, четири зад лидерот Арсенал. Квалитетот на Ливерпул му дозволува да се врати во форма, но прашањето е дали ќе успее на време, пред кризата да се продлабочи, а Салах да стане резерва.
33-годишниот египетски репрезентативец сезонава на осум средби постигна два гола и даде две асистенции во Премиер Лигата, додека во Лигата на шампионите има еден гол и една асистенција во два натпревара, но е далеку од своето најдобро издание.
Останува да се види каков е планот на Слот и дали тој ќе биде храбар да го остави Салах на клупа против Ајнтрахт во наредните неколку дена.
Салах е дел од Ливерпул од 2017 година, кога беше донесен од Рома, и одтогаш е најдобар играч на Црвените. Со тимот има освоено две титули во Премиер Лигата и една во Лигата на шампионите.
Четири пати беше најдобар стрелец во најсилните европски лиги, три пати играч на годината на Анфилд и два пати африкански фудбалер на годината.