
Интересот од Саудиска Арабија кон Мохамед Салах продолжува да биде многу голем. Според многумина, Египќанецот најверојатно ќе прифати некоја од примамливите понуди оттаму, ако не се разбере со Ливерпул за нов договор. Според поранешниот менаџер на Вест Хем, Славен Билиќ, кој минатата сезона беше тренер на Ал-Фатех, во Саудиска Арабија знаеле дека уште пред една година Салах бил подготвен да оди таму, бидејќи имало раздор во неговите односи со Јирген Клоп. Откако во јануари минатата година Германецот објави дека ќе замине, а на неговото место во летото беше назначен Арне Слот, Египќанецот одлучил да остане во Ливерпул.
“Мохамед Салах е најдобриот напаѓач, најдоброто крило и најдобриот број 10 во Премиер лигата. Сигурно има промена оваа сезона под водството на Арне Слот, бидејќи откако бев во Саудиска Арабија минатата година, знам дека тој не беше среќен под водството на Јирген Клоп и очекувавме да си замине. Цела Саудиска Арабија беше подготвена за него – и тој ќе беше ѕвезда на лигата. Што би се однесувало на сите нас, тоа беше завршено и Мо Салах ќе се приклучеше на Ал-Итихад. Сепак, не бев изненаден што тој не замина. Тој знае дека овој трансфер ќе биде можен за него кога ќе реши да го напушти Ливерпул. Фудбалот во Саудиска Арабија не е едногодишен проект”, изјавува Билиќ.
Во април минатата година помеѓу Салах и Клоп имало сериозна расправија покрај аут-линијата за време на натпреварот со Вест Хем. Освен овој епизод, двајцата секогаш демонстрирале добри односи, бидејќи и двајцата откриле дека често разговараат и по заминувањето на Клоп.