
Патрис Евра (43), некогашната ѕвезда и дефанзивец на Манчестер Јунајтед, направи неочекуван пресврт во кариерата и одлучи да си ја окуси среќата во аматерскиот ММА. Неговото деби е закажано за 23 мај, кога ќе настапи во париската Аккор Арена.
Евра спектакуларно го најави враќањето во боречките вештини, а ја крена прашината истакнувајќи дека би сакал пред себе во рингот да го види стариот ривал, Луис Суарез, со кого има бурно минато од фудбалските денови.
Ливерпул викендов може да ја освои титулата во Премиер лига ↓↓↓
„Ако до сега не сте знаеле, јас го обожавам ММА. Играв на најголемите светски стадиони, освојував најголеми трофеи во фудбалот, но настапот на ПФЛ Европа во Париз ќе биде нешто навистина посебно за мене. Години наназад тренирам со најдобрите во светот и тие ќе ви потврдат дека сум подготвен. Ќе се видиме на 23 мај во Аккор Арена, ве очекува вистински спектакл“, истакна Французинот.
Сонот станува реалност
Поранешниот репрезентативец на Франција требаше да дебитира во боречките вештини во 2022 година, но на крајот сè беше откажано. Сепак, следниот месец Евра ќе го исполни својот сон со дебито во ММА. Противникот на 43-годишникот сè уште не е познат, но е сигурно дека на настанот ќе учествуваат многу познати имиња од француската боречка сцена.
Евра, исто така, го повика поранешниот напаѓач на Ливерпул, Луис Суарез, да му се придружи во кафезот за да си ги порамнат старите сметки:
„Службено тренирам за мојата прва борба на ПФЛ Европа. Организаторите ќе ми го изберат противникот… Кога ме прашаа со кого би сакал да влезам во кафез, реков: Луис Суарез. Ќе платам од џеб, може дури и да ме касне“, напиша Евра на платформата X.
Стар конфликт кој уште не е заборавен
Конфликтот меѓу Евра и Суарез датира од 2011 година, кога за време на натпреварот на Енфилд, Уругваецот беше обвинет за расна навреда на поранешниот играч на Манчестер Јунајтед. По истрагата, Суарез беше прогласен за виновен за користење навредливи изрази поврзани со бојата на кожата на Евра.
По двомесечна истрага и шестдневно сослушување, Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) го суспендираше Суарез на осум натпревари и му изрече парична казна, оставајќи длабока трага во односот на двајцата играчи, кој, како што изгледа, ни денес не избледела.